Иран објави дека го затвора Ормускиот Теснец, една од најважните светски поморски рути за извоз на нафта – со предупредување дека ќе биде нападнат секој брод што ќе се обиде да мине низ теснецот.
Советник на командантот на Исламскиот револуционерен корпус изјавил дека иранските сили ќе гаѓаат бродови што ќе се обидат да го преминат теснецот, како и нафтени инфраструктури на „непријателите“, додавајќи дека нема да дозволат извоз на нафта од регионот, пренесува Al Jazeera.
Прекин на производството и страв од недостиг
Државната компанија QatarEnergy соопшти дека ќе прекине дел од производството на преработени производи, вклучително уреа, полимери, метанол и алуминиум. Претходно беше објавено и запирање на производството на течен природен гас (LNG) по напади врз постројки во Рас Лафан и Месаид.
Ормускиот Теснец поврзува земји како Ирак, Кувајт,Катар, Саудиска Арабија и Емиратите со светските пазари. Низ него дневно минуваат околу 20 милиони барели нафта – речиси петтина од глобалната трговија со нафта, според податоците на U.S. Energy Information Administration (EIA).
Скок на цените – најголем од 2005
По затворањето, цените на нафтата на светските пазари нагло пораснаа. Американската нафта достигна 76 долари за барел, што е раст од седум проценти во раните утрински трансакции, по веќе забележан пораст од шест проценти претходниот ден.
Во САД, според податоците на AAA, цената на бензинот скокна за 11 центи и достигна просек од 3,11 долари по галон – најголемо еднодневно зголемување од ураганот Катрина во 2005 година.
Просечната цена од 3,11 долари го прекина тримесечниот период во кој горивото беше под три долари по галон.
Кина повика на деескалација
China, како еден од најголемите увозници на нафта и гас од Блискиот Исток, ги повика сите страни да ги прекинат воените операции и да обезбедат безбедна пловидба низ теснецот. Според Пекинг, неопходно е да се спречи поголемо влијание врз глобалната економија.
Податоците покажуваат дека најмалку 150 танкери, меѓу кои и бродови за сурова нафта и LNG, фрлиле сидро во отворени води надвор од теснецот, чекајќи развој на настаните.
Ризик за глобалната економија
Аналитичарите предупредуваат дека евентуално подолготрајно затворање на Ормускиот Теснец би можело да предизвика нов инфлаторен бран и да ги турне ранливите економии кон рецесија.
„Шокот ќе се почувствува далеку надвор од енергетските пазари“, изјави Али Ваез од Меѓународната кризна група за Al Jazeera.
Економисти додаваат дека повисоките цени на енергенсите би можеле да го забават намалувањето на каматните стапки од страна на централните банки, особено во земјите во развој, каде што цените на горивата директно влијаат врз инфлацијата и животниот стандард.