Бугарија потврди дека Иран испратил дипломатска нота со предупредување да не се дозволи користење на нејзините аеродроми за воени операции против иранска територија.
Бугарското Министерство за надворешни работи потврди дека Иран минатиот месец испратил дипломатска нота до Софија, со предупредување да не се дозволи користење на бугарските аеродроми за американски воени операции.
Нотата, датирана од 18 март, стана јавна откако пратеник објави документ во кој иранската влада реагира на присуството на американски авиони-цистерни на аеродромот „Васил Левски“ во Софија.
Во документот, Техеран нагласува дека го задржува правото да преземе „сите неопходни мерки“ за заштита на својот суверенитет и безбедност.
Иран тврди дека, и покрај објаснувањата на Софија за воени вежби, американските авиони се користат за поддршка на операции поврзани со нападите врз иранска територија.
Заменик-министерот за надворешни работи на Бугарија, Марин Рајков, ја потврди автентичноста на нотата, но порача дека нема причина за загриженост.
Тој нагласи дека Бугарија не е вклучена во воени операции и дека ниту еден борбен авион не ја користи земјата за напади.
„Авионите на аеродромот ‘Васил Левски’ се дел од планирани активности за обука на НАТО, а Алијансата не е ангажирана во воени дејствија“, изјави Рајков.
Воедно, посочи дека бугарскиот парламент нема донесено одлука за учество во конфликтот.
Ова предупредување доаѓа во период на засилени тензии и разлики меѓу САД и дел од европските сојузници.
Неколку европски држави веќе презедоа чекори за ограничување на воената логистика – Шпанија го затвори воздушниот простор за одредени американски летови, Италија забрани слетување на бомбардери, а Франција одби прелет на авиони со воена опрема.
Овие потези укажуваат на растечки јаз во пристапот кон кризата, додека војната на Блискиот Исток продолжува да ја тестира координацијата меѓу западните сојузници.