Хосе Карерас ќе пее со македонските музички ѕвезди на плоштадот Македонија

Светски познатиот тенор Хосе Карерас ќе настапи на 1 септември во Скопје на голем концерт по повод 35 години од независноста на Македонија. На сцената ќе му се придружат и македонски музички ѕвезди, а настанот се најавува како еден од најзначајните музички спектакли годинава.
Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски ќе настапат на настанот на плоштад Македонија (Фото: К. Попов)

Славниот шпански тенор Хосе Карерас и некои од најпознатите македонски музичари ќе настапат на плоштадот Македонија во Скопје на 1 септември, во рамките на прославата за 35 години независност на државата. Настанот, насловен „Хосе Карерас и македонскиот ол старс“, ќе биде отворен за јавноста, исто како и концертот на Дејвид Гета кој ќе се одржи на 8 септември на арената „Тоше Проески“.

Организатор на концертот е „Авалон продукција“, во соработка со Владата. Основачот на продукцијата Бобан Милошески изјави дека идејата за проектот се развивала речиси две години заедно со неговиот долгогодишен соработник Николче Мицевски.

„Сфативме дека е ова идеален проект за концептот каков што е замислен: нешто што е светско на високо културно ниво заедно со нашето македонско, кое притоа ќе покаже дека во ниту еден сегмент не е ниту помалку светско, ниту помалку квалитетно“, рече Милошески.

Според најавите, концертот ќе започне со настапи на македонските изведувачи, по што на сцената ќе се појави Карерас. Организаторите најавуваат и повеќе изненадувања кои засега не се откриваат.

Меѓу македонските музички имиња кои ќе настапат се Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски. Концертот ќе биде придружуван од оркестарот на Филхармонијата, додека аранжманите ги подготви Николче Мицевски. Диригент ќе биде Давид Хименес Карерас од Шпанија.

Каролина Гочева изјави дека со големо задоволство повторно ќе биде дел од ваков настан и дека присуството на Карерас му дава дополнителна тежина на концертот.

Калиопи оцени дека вечерта ќе биде празник за Македонија и посебен момент за домашната музичка сцена.

„Мислам дека таа вечер единствената голема ѕвезда ќе биде нашата прекрасна Македонија, која ќе има прилика да го угости еден од најголемите тенори на сите времиња“, рече таа.

Седумдесет и деветгодишниот Карерас првпат настапи во Македонија во 2005 година, во рамките на фестивалот „Охридско лето“. И оперската пејачка Ана Дурловски изјави дека за неа ќе биде особена чест да ја дели сцената со еден од најпознатите тенори во светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс