Грција лансираше пет сателити во орбитата: стартува новата национална вселенска програма

Грција официјално ја активира својата прва национална програма за микросателити, со лансирање на пет нови уреди од Калифорнија.

Грција влезе во „орбиталната ера“ со лансирањето на пет микросателити како дел од Greek National Microsatellite Program, голема државна иницијатива финансирана преку европските фондови за опоравување. Лансирањето беше изведено со ракетата Falcon 9 на SpaceX, како дел од мисијата Transporter-15.

Два од сателитите се развиени во соработка со финско-грчката компанија ICEYE и обезбедуваат радарско набљудување (SAR) — технологија што овозможува детекција на промени на теренот, пожари, поплави и инфраструктурни оштетувања, без разлика на облачноста или времето од денот.

Останатите три се развиени од грчки истражувачки и технолошки организации. PHASMA-1 и PHASMA-2 тестираат нови системи за безбедна комуникација и мониторинг на радиофреквенции, додека MICE-1 е насочен кон поврзување IoT-мрежи, следење на бродови и индустриска инфраструктура.

Со ова лансирање, Атина ја гради својата сопствена вселенска инфраструктура и отвора простор за домашни компании во сè побрзорастечката европска вселенска економија. Целта е да се развие долгорочна, одржлива програма што ќе носи податоци за безбедност, планирање, заштита од катастрофи и технолошка автономија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни