„Горе на врвот“ на Џовани Гроси од Италија е прогласен за најдобар краткометражен филм на ЕХО фестивалот на планински филм.
Главното жири оваа година беше во состав Маја Мухиќ, Трифун Ситниковски и Златко Ѓелески.
„Раскажувајќи приказна за оние подзаборавени учесници во алпинизмот, без кои не би можеле да се одвиваат посетите на планините, филмот е еден приземен портрет за посветеноста и пожртвуваноста при секојдневните предизвици на одржувачот на засолништето, кое станува втор дом на заљубениците на алпинизмот и животно прибежиште на чуварот на планината. Наградата му се доделува поради искрената приказна и прецизната наративна линија…“
Наградата за Најдобар долгометражен филм пак, главното жири ја додели на филмот: „Планинско возење“ на Доминик Марго оф Швајцарија.
Претставникот на жирито, Златко Ѓелески, пред присутните го прочита образложението:
„Поради дивергентниот поглед на големината и значењето на нескротливите природни титани, наградата за најдобар долгометражен филм ја доделуваме на „Планинско возење“, во режија на Доминик Марго.
Ова калеидоскопско остварување вешто ги отвора егзистенцијалните прашања за односот на човекот и природата, будејќи ја неговата спиритуалност, восхит иправејќи едно посветено истражување на нејзините неоткриени богатства, од повеќе рамништа и светогледи.
Во оваа приказна многу паметно се реобмислува поимањето на планината и нејзиното влијание во севкупниот екосистем.“