Горан Ѓорѓиев именуван за Регионален директор на Европскиот центар за поддршка на светското извидништво

Македонски извидник на висока раководна позиција во европското и светското извидништво

Сојуз на извидници на Македонија со големо задоволство информира дека Горан Ѓорѓиев од Македонија е именуван за Регионален директор на Европскиот центар за поддршка при Светската извидничка организација (World Organization of the Scout Movement – WOSM).

Именувањето е донесено по одлука на Генералниот секретар на Светската извидничка организација, по конкурентен меѓународен процес на селекција, со интерес и кандидати од цела Европа и пошироко.

Горан Ѓорѓиев има повеќе од 15 години искуство во областа на стратешко лидерство, организациски развој и младинска работа во извидништвото, на национално, регионално и глобално ниво. Од 2019 година тој е дел од Светското извидничко биро, каде што извршуваше повеќе високи раководни функции, последно како Директор за стратешка координација и организациски развој за Европа, обезбедувајќи директна поддршка за 47 национални извиднички организации во Европскиот регион.

Своите извиднички почетоци Ѓорѓиев ги има во Извиднички одред Гоце Делчев од Свети Николе. Пред неговиот ангажман на светско ниво, во периодот 2010–2018 година, тој ја извршуваше функцијата Генерален секретар на Сојузот на извидници на Македонија, каде што раководеше со извршната канцеларија и ги водеше организациските и програмските приоритети на извидничкото движење во земјата.

Во овој период, Ѓорѓиев активно учествуваше во организацијата на бројни национални и меѓународни извиднички кампови, смотри, натпревари и обуки, како и во едукација и менторство на стотици млади извидници, водачи и волонтери низ целата држава.

Покрај директната работа со млади на терен, Ѓорѓиев даде значаен придонес и во развојот на младински политики и граѓанско учество, меѓу кои и учеството во процесите за креирање и воспоставување на Националниот младински совет на Македонија. Тој исто така работеше на развој и имплементација на програми за младинско лидерство, градење капацитети и меѓународна соработка.

По повод именувањето, Дијана Слабу, актуелна претседателка на Европскиот извиднички комитет, изјави:

„Горан носи богато искуство во стратешко лидерство и организациски развој, заедно со длабоко разбирање на извидништвото на национално, регионално и глобално ниво. Со нетрпение очекуваме да работиме со него на следното поглавје од развојот на извидништвото во Европа.“

Новата функција Горан Ѓорѓиев официјално ја презема денес, 21 јануари 2026 година, при што ќе соработува тесно со Европскиот извиднички комитет и светското раководство на организацијата, со цел понатамошно зајакнување на поддршката за националните извиднички организации и зголемување на влијанието на извидништвото низ Европа.

Својата визија за новата улога, Горан Ѓорѓиев ја споделува во кратко видео-обраќање:

Именувањето на Горан Ѓорѓиев на оваа позиција претставува значајно меѓународно признание, имајќи предвид дека станува збор за висока раководна функција во една од најголемите и највлијателни младински организации во светот, со над 50 милиони членови глобално. Фактот што за првпат еден македонски кадар ја презема оваа улога е силна потврда за квалитетот, искуството и капацитетите што произлегуваат од македонското извидничко и младинско движење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни