Германија ќе набави оружје за Украина во вредност од 150 милиони евра

Иницијативата PURL беше лансирана во јули од генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и американскиот претседател Доналд Трамп, по критиките од Белата куќа дека Европа мора да преземе поголем дел од одговорноста за безбедноста на Украина.

Новата финансиска шема предвидува 17, главно европски, сојузници да купуваат американско оружје, кое потоа се пренесува на Украина. Целта е да се обезбеди предвидлив доток на летална и неліетална поддршка, вклучително и системи за противвоздушна одбрана.

PURL е клучен механизам за остварување на обврската на Европа и Канада да го преземат поголемиот товар во обезбедувањето украинска безбедност, додека земјата продолжува да се брани од руската инвазија во цел обем.

Според новите податоци на германскиот Институт Кил, западната воена помош за Украина во јули и август паднала за 43% во споредба со првата половина од годината.

Повеќе средства во новиот германски буџет

Во објава на Инстаграм, Писториус соопшти дека германскиот парламент се согласил на нацрт-буџет за 2026 година, кој предвидува 11,5 милијарди евра помош за Украина – три милијарди повеќе од претходната година. Нацрт-буџетот бил усогласен по 15-часовна седница, а гласањето во Бундестагот се очекува подоцна овој месец.

Системите што ќе се купуваат од САД вклучуваат противвоздушни системи Patriot и придружни ракети. Писториус не откри дали Германија ќе испорача и крстосувачки ракети Taurus.

„Украина влегува во четвртата воена зима“, изјави Писториус по состанокот со министрите за одбрана на Полска, Италија, Франција и Обединетото Кралство. На состанокот присуствуваше и високата претставничка на ЕУ Кaja Калас, а украинскиот министер за одбрана Денис Шмигал се приклучи преку видеоврска.

Руски напади врз енергетската мрежа и хибридни закани

Писториус предупреди дека повторените руски напади врз украинската енергетска инфраструктура имаат цел да ги направат зимските месеци што е можно потешки за цивилното население и да се наруши моралот.

Тој нагласи дека Германија ќе продолжи да ја предводи поддршката за Украина и дека ќе вложува и во украинската одбранбена индустрија.

Хибридната војна била уште една тема на разговорите. Според Писториус, Русија се обидува да „внесе страв и несигурност“ во европските општества, алудирајќи на серијата повреди на воздушниот простор во НАТО и ЕУ земји во последните недели. Неколку европски аеродроми веќе беа евакуирани поради налети на дронови.

Писториус изјави дека е неопходно „делување како тим“ во одбраната од дронови и најави дека за следниот состанок на групата Е5 во Варшава, на почетокот од идната година, треба да биде претставен модел за заедничка набавка на поевтина анти-дрон технологија.

Иако досега нема цврсти докази дека дронските нарушувања се поврзани со Русија, Писториус изјави дека „не мора да си Шерлок Холмс за да сфатиш кому најмногу му одговараат овие провокации“.

Британскиот министер за одбрана Џон Хили потврди дека британските експерти за дронови ќе продолжат со работата во Белгија и дека припадници на 12. полк на Кралската артилерија ќе бидат распоредени во Финска за операции за противдронска одбрана.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни