Во последно време ме измачува една мисла, нова за мене. Таа постојано се појавува неповикана, а се раѓа од било која вест дека некој маж или жена се искачиле на некој висок и опасен планински врв, или кога ја искачиле најопасната или досега неискачена карпа на некоја планина и тоа free solo, сами без помош на јажиња. Насловите за овој чин секогаш го содржат зборот храброст, победа, планината потклекна, човекот ја победи планината, односно величање на овој човечки чин.
Пред неколку години, не знам колку точно и јас им се восхитував на нивните “подвизи”. Денес веќе, тоа не го нарекувам подвиг. Зошто сум го променил мислењето? Зарем не ја разбирам веќе човековата природа за авантуризам, или огромната моќ на адреналинот? Секако дека ги разбирам овие работи, ама сега разбирам и дека лудоста има и друго име, екстремен алпинизам односно free solo искачувањето. Ако некој прв пат се соочува со овој вид на спорт нека го изгледа трејлерот за филмот Free solo, доволно ќе биде. Дали овие мажи и жени вистински ја разбираат планината? Дали вистински ја разбираат природата? Што мислите, ако ги прашаме луѓето кои традиционално живеат во природа, на планина ( иако за волја на вистината тие се веќе пред целосно исчезнување) дали го одобруваат искачувањето на високите планински карпи без јажиња кој одговор би ни го дале? Ако некој има развиено најблизок однос со планината и ја разбира истата, секако тоа се луѓе или племиња кои со векови живеат на планина. Сигурно нивното разбирање се разликува од ова нашето, од она на градските ликови кои всушност се освојувачите на планинските карпести врвови без помошна опрема.
Кoe е значењето на чинот на искачување на еден oпасен планински врв? И дали навистина тоа е победа на човекот а пораз на планината. Дали природата прави пресметка колку алпинисти ја победиле планината а колку од нив изгубиле од нејзе оставајќи ги сопствените животи на планинските врвови? Дали оние кои што го искачиле најсмртоносниот врв на Хималаите – Анапурна (смртноста е 32%) или пак ја искачиле ЕЛ Капитан карпата во САД ја победиле планината? Планината со само еден камен може да го поклопи човековото тело, со само една мала лавина ќе покрие стотици човекови тела, со надојдената река урива цели населби, со тенкиот несигурен ледник ќе пропушти човечко тело во бездна.
Не, тоа не е борба на човекот со планината, тоа е борба на човекот со сопственото его, борба со себе си или сопствена потреба да се победи некого. И лично немам проблем со тоа. Секој си го живее животот како сака, и се додека не му наштетува на друг тоа е во ред. Но, ве молам , не го нарекувајте тоа борба на човекот со планината.
Што и значи на планината, на природата воопшто, тоа што некој Дарко, Алекс или некоја Јасмина ја искачиле најопасната планинска карпа на земјата. Ништо.
Ми текнува на една сцена од филмот за познатиот сликар Баскијат кога тој и еден негов пријател разговараат за човекот кој го претркал возот. Пријателот на Баскијат одушевен вели дека еден маж бил толку брз што се тркал со воз и го победил. На тоа Баскијат му возвраќа: “Да, го победил возот ама веднаш после трката човекот умрел. Срцето негово не издржало. А возот се уште вози”. Драги мои, тркајте се со што сакате, ама гледајте на крајот да бидете возот.