Француски земјоделци денеска организираа протест поради договорот меѓу Европската унија и јужноамериканската организација Меркосур, пренесува телевизијата BFM. Тие поставија околу дваесет трактори на Нормандискиот мост како знак на противење на договорот.
Земјоделците воспоставија блокада на мостот во двата правца.
„Целта на оваа акција е да се проверуваат камионите кои превезуваат свежи производи, за да се утврди потеклото на стоката и да се види што циркулира по нашите француски патишта“, објасни претседателот на здружението Млади земјоделци на Нормандија, Емануел Рош.
Најновиот протест претставува јасно противење на владата, која, според организаторите, не ги исполнува очекувањата на земјоделците.
Ден претходно, министерката за земјоделство Ани Женева објави неколку мерки како одговор на незадоволството на земјоделците.
Земјоделците планираат попладнево да се префрлат во пристаништето Авр, каде што ќе постават иста блокада со трактори.
Тие го очекуваат следниот состанок на Европскиот парламент на 20 јануари во Стразбур, кога планираат нови протести и ќе побараат од Европскиот суд на правдата да се изјасни за валидноста на договорот со Меркосур.
Зелено светло Европската унија да го потпише договорот за слободна трговија со Меркосур вчера дадоа 21 земја-членка на ЕУ, додека Австрија, Франција, Унгарија, Ирска и Полска беа против, а Белгија беше воздржана, изјави дипломат на ЕУ.
„Се надеваме дека договорот ќе биде изнесен пред Судот на правдата и дека ќе биде поништен“, изјави претседателката на здружението на земјоделци на Нормандија, Ан-Мари Дени.
Според неа, овој договор за слободна трговија ќе овозможи увоз на земјоделски производи од земји кои немаат исти услови за производство, социјални услови за вработување и санитарни стандарди како во Европската унија.
Таа додаде дека земјите од Меркосур имаат значително пониски трошоци за производство отколку Франција, со што француските земјоделци нема да можат да се натпреваруваат.
