Само околу 56% од населението во земјата е финансиски писмено, покажуваат податоците на ОЕЦД, што според надлежните институции претставува загрижувачко ниво. Иако учениците имаат основни познавања за финансиските концепти, тие често немаат доволно практични вештини за нивна примена во реалниот живот.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека токму поради ова, Министерството за образование и наука работи на развивање програми за финансиска едукација на младите.
„Министерството, преку Бирото за развој на образованието, но и во соработка со Народната банка, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Здружението на банки и други институции, развива програми со кои младите од најрана возраст учат како да управуваат со своите средства – како да штедат, инвестираат, проценуваат ризици и носат информирани финансиски одлуки“, изјави Јаневска.
Директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска, посочи дека целта на овие програми е учениците уште во текот на образованието да стекнат практични знаења за управување со финансии.
„Бирото активно работи на унапредување на програмите поврзани со финансиската писменост и заштитата на потрошувачите, со цел учениците да развијат вештини кои ќе им помогнат во носење одговорни и информирани финансиски одлуки во иднина“, изјави Тримчевска.