Словачкиот премиер Роберт Фицо го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека лаже за состојбата на нафтоводот „Дружба“, тврдејќи дека располага со сателитски снимки кои покажуваат дека главната траса на нафтоводот не е оштетена.
Според Фицо, освен еден помал складишен резервоар, нафтоводот што минува низ Украина останал функционален.
„Главната линија на нафтоводот ‘Дружба’ не е оштетена. Очигледно е дека претседателот Зеленски лаже“, изјавил Фицо, пренесуваат регионалните медиуми.
Тој додаде дека Украина можеби се обидува на овој начин да изврши притисок врз Словачка и Унгарија.
Снимките не се објавени
Фицо изјави дека располага со тајни сателитски снимки, но дека тие не може да бидат доставени до медиумите бидејќи се класифицирани.
Нафтоводот „Дружба“, преку кој со години се транспортираше руска нафта кон Централна Европа, престана да работи во јануари, откако Украина соопшти дека инфраструктурата е оштетена во руски напад на западот на земјата.
Словачките власти и претходно тврдеа дека нивните разузнавачки служби не пронашле докази за сериозни оштетувања на главната траса.
Одговор од Киев
Од канцеларијата на украинскиот претседател порачаа дека обвинувањата се неосновани и го повикаа Фицо ваквите прашања да ги разгледа преку директни разговори, наместо преку јавни настапи.
Во меѓувреме, односите дополнително се влошија откако Словачка најави запирање на итните испораки на електрична енергија за Украина како одговор на прекинот на транзитот на нафта.
Украинските власти тврдат дека земјата ја купува струјата, а не ја добива бесплатно, додавајќи дека Украина може да ја обезбеди од други извори.
Геополитички тензии во ЕУ
Словачка и Унгарија се сметаат за меѓу најскептичните членки на ЕУ кога станува збор за намалувањето на зависноста од руска нафта.
Во меѓувреме, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто неодамна престојуваше во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин, што дополнително ја нагласува чувствителноста на енергетските и политичките односи во регионот.