ЕВРОПСКИ ДЕНОВИ НА ЕВРЕЈСКАТА КУЛТУРА 2023 -ДЕНОВИ НА ОТВОРЕНИ ВРАТИ

Манифестацијата „Европски денови на еврејската култура 2023 – Денови на отворени врати“ претставува можност еврејските заедници од градовите низ Европа да подготват настан наменет за пошироката публика во местото на нивното живеење. На овој начин се отвора простор за славење на креативноста, паметење на минатото – богатство и спојување на луѓе кои го делат интересот за заедничкото европско-еврејско наследство. Целта на манифестацијата е приближување и подобро запознавање со еврејската култура.
На овогодинешните Европски денови на еврејска култура нашата заедница, учествува по 17 -ти пат со настан врз зададената тема „Спомени“ .

Публиката ќе има можност да ја проследи музичко драмската изведба на книгата „Стенограми“, од Мориц Романо.
Драматизација и режија: Снежана Конески Русо
Актери: Петар Горко и Снежана Конески Русо
Пијано: Андреј Наунов
Баритон: Ернес Ибраимовски
Тенор: Игор Гиевски
Сопран: Гонца Богоромова Краповски
Алти: Тереза Талеска Лазовска и Елвира Шорко

Изложбата „Верските обичаи и културната традиција на македонските Евреи – раскажувања низ предмети и фотографии“ опфаќа предмети кои се поврзани со еврејската религија, а со тоа и со културата која произлегла од неа. Во оваа изложба се претставени 16 предмети преку кои можеме да го следиме не само религискиот живот, туку и празниците поврзани со него, начинот на празнување и културата што ја донеле Евреите со себе при нивното населување на овие простори. Изложбата е надополнета и со фотографии, прикажувајќи го семејниот живот, животот во заедницата и културните особености кои датираат од периодот на 20 и 21 век и ѝ даваат живот и динамичност на изложбата.
Автор на изложбата е Лилјана Лазаревска Мешковска, а ќе трае до 30.11.2023 година. Од вторник -19.09 изложбата ќе може да се погледне на вториот спрат во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.
Почеток на настанот: 19.30
Локација: Арт Центар на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, Улица 11 Март број 2, Скопје
Влезот е слободен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни