Новото законодавство, усвоено од Европскиот парламент и Советот, предвидува автоматска забрана на сите супстанции што ќе бидат идентификувани како опасни по здравјето на децата.
Иако регулативата е заострена, опасни играчки сè уште завршуваат во домовите, особено поради онлајн купувањето. Во 2023 година, во ЕУ биле увезени играчки во вредност од 6,5 милијарди евра, при што околу 80 проценти потекнувале од Кина.
ЕУ алармниот систем за опасни производи покажува дека играчките се втората најризична категорија, веднаш по козметиката, а половина од предупредувањата се однесуваат на штетни хемикалии.
Со новата Директива за безбедност на играчки, ЕУ ги забранува сите PFAS хемикалии, познати како „хемикалии за цел живот“, како и најопасните бисфеноли. Овие супстанции се поврзуваат со нарушување на хормоналниот систем, влијание врз нервниот развој и репродуктивното здравје.
Експертите оценуваат дека ова е првпат PFAS да бидат регулирани како цела група, што претставува значаен чекор за заштита на детското здравје.
Сите играчки што се продаваат во ЕУ ќе мора да имаат дигитален пасош кој потврдува усогласеност со безбедносните стандарди. Производителите се обврзани да ги проценат сите можни ризици – хемиски, механички, електрични, пожарни, па дури и ризици за менталното здравје кај дигиталните играчки.
Правилата важат за сите играчки, без разлика каде се произведени.
Експертите советуваат родителите да купуваат играчки исклучиво од проверени продавачи, да ја следат возраста за која се наменети, редовно да проверуваат дали има мали или лабави делови и да внимаваат на играчки со батерии, магнети или остри рабови. Онлајн купувањето од нерегулирани платформи се смета за посебен ризик.
Новите правила имаат за цел значително да ја намалат изложеноста на децата на опасни хемикалии и небезбедни производи, но одговорноста при изборот и понатаму останува и кај родителите.
