ЕУ и земјите од Западен Балкан со заеднички Договор за борба против тероризмот

Потпишувањето на договорот доаѓа во пресрет на објавувањето на пакетот на извештаи на Европската комисија за напредокот на кандидатите за членство во ЕУ

Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер и претставници на земјите од Западниот Балкан денеска(30 октомври)во Сараево ќе потпишат Договор за спречување и борба против тероризмот и насилниот екстремизам.

Договорот ќе биде потпишан во рамки на денешниот Министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, што се одржува во главниот град на БиХ.

„Западниот Балкан не е само наш сосед. Тој е длабоко поврзан со внатрешната безбедност на ЕУ“, порача Брунер во пресрет на потпишувањето на Договорот, додавајќи дека документот е уште еден чекор кон зајакнување на соработката меѓу ЕУ и земјите од регионот во областа на безбедноста.

Целта на договорот е заедничко справување со растечките закани, како што се радикализацијата преку интернет и злоупотребата на новите технологии за терористички цели, но исто така и засилување на напорите за превенција од насилниот екстремизам.

Со договорот се предвидува зајакнување на соработката на полициите од земјите од Западниот Балкан со Европол, вклучително и во спроведување на заеднички истраги поврзани со тероризам, терористички активности и безбедносни закани.

Дополнително, договорот предвидува и вклучување на земјите од регионот во оперативните проекти на Центарот за препознавање на радикализацијата на Европол.

Потпишувањето на договорот доаѓа во пресрет на објавувањето на пакетот на извештаи на Европската комисија за напредокот на кандидатите за членство во ЕУ на нивниот европски пат, предвидено за во вторник, 4 ноември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни