Европската унија одлучи да издвои стотици милиони евра за зајакнување на академската слобода и привлекување професори и научници од целиот свет, особено од САД, каде што започна „одливот на мозоци“ поради ограничувањата што ги воведува владата во Вашингтон во областа на образованието и науката.
Ова беше објавено на конференцијата на претставници на европски универзитети, министри за образование и еврокомесари во Париз, на која говореа претседателот на Франција Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Мотото: „Избери ја Европа за наука“
Пораката од конференцијата, под мотото „Избери ја Европа за наука“, беше дека Европа е решена да го стави образованието и науката во срцето на својата економија, да стане дом на научната слобода и соработка и да ги пречека талентите од целиот свет со отворени раце.
Посебно внимание привлече интервјуто со американскиот професор Џејсон Стенли, кој го напушти универзитетот Јејл и замина на Универзитетот во Торонто поради политиките на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, кои го ограничуваат високото образование и научната работа.
Стенли, експерт за авторитарни режими, порача дека „училиштата, универзитетите, медиумите и правосудството се столбови на демократијата“, кои сега се под удар во САД.
На конференцијата, Макрон објави дека француската влада издвојува 200 милиони евра за поволни услови за живот и работа на странски научници, истражувачи и професори.
Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ обезбедила 500 милиони евра за периодот 2025–2027 година за поддршка на најдобрите научници и истражувачи од Европа и светот.
„ЕУ е решена да стане глобален центар за привлекување таленти“, рече таа во обраќањето до американските научници кои веќе почнуваат да се преселуваат во Европа.
Унијата има за цел до 2030 година да инвестира 3% од БДП во истражување и развој, а Европската инвестициска банка (ЕИБ) планира голема финансиска поддршка за технолошкиот сектор.
Според германскиот весник Handelsblatt, ЕИБ ќе обезбеди 70 милијарди евра за стартапи и научни проекти до 2027 година. Целта е да се намали заостанувањето на Европа зад САД во овој сектор и да се мобилизираат дополнителни инвестиции, кои би можеле да достигнат до 250 милијарди евра преку јавни и приватни партнери.