Европската Унија официјално го воведува 20. пакет санкции против Русија, насочен кон енергетиката, финансиските услуги и трговијата, соопшти претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Новиот пакет доаѓа во период кога војната во Украина се приближува кон својата четврта година.
Во соопштението, фон дер Лајен истакна дека Русија ќе седне на преговарачка маса со искрена намера само доколку биде под сериозен притисок. „Тоа е единствениот јазик што Русија го разбира“, нагласи таа, додавајќи дека санкциите остануваат клучен инструмент на Унијата.
Од Европската комисија наведуваат дека руската воена офанзива наскоро ќе достигне 1.500 дена, при што во текот на изминатата година руските сили напредувале меѓу 15 и 70 метри дневно и зазеле околу 0,8 проценти од украинската територија, по цена на, како што се наведува, највисока стапка на загуби во една воена офанзива од Втората светска војна наваму.
Во исто време, Брисел ја обвинува Москва дека продолжува со воени злосторства и намерни напади врз цивилна инфраструктура, вклучително и енергетски капацитети и системи за греење, оставајќи цели заедници без струја во зимски услови. „Тоа не е однесување на држава која сака мир, туку на држава што води војна на исцрпување против цивилното население“, порача фон дер Лајен.
Клучна новина во 20. пакет е воведувањето целосна поморска забрана за извоз на руска сирова нафта, со што, според ЕУ, значително ќе се намалат приходите на Русија и ќе се отежне пронаоѓањето купувачи. Бидејќи поморскиот транспорт е глобален бизнис, Унијата предлага мерката да се спроведува координирано со партнерите од Г7.
Дополнително, на листата на т.н. „фантомска“ или „сенковита флота“ се додаваат уште 43 бродови, со што вкупниот број достигнува 640. Воведени се и нови ограничувања за одржување и други услуги за ЛНГ танкери и ледоломци, со цел понатамошно попречување на руските проекти за извоз на енергенси.
Вториот столб на санкциите се однесува на заострување на мерките против рускиот банкарски сектор. На санкциската листа се додаваат уште 20 регионални банки, а ЕУ воведува и мерки против криптовалути, компании и платформи што овозможуваат нивна трговија, со цел да се затворат каналите за заобиколување на санкциите. Санкционирани се и неколку банки во трети земји, осомничени за олеснување на нелегална трговија со санкционирана стока.
Третиот сегмент ги засилува извозните и увозните рестрикции. Се воведуваат нови забрани за извоз на стоки и услуги – од гуми и трактори, до сајбер-безбедносни услуги – во вредност од над 360 милиони евра. Истовремено, се ограничува увозот на метали, хемикалии и критични минерали кои досега не биле под санкции, во вредност од околу 570 милиони евра. Првпат се активира и алатката против заобиколување санкции, со забрана за извоз на машини за компјутерска нумеричка контрола и радио-уреди во земји со висок ризик од реекспорт во Русија.
Според податоците на Европската комисија, фискалните приходи на Русија од нафта и гас во 2025 година паднале за 24 проценти во споредба со претходната година и се на најниско ниво од 2020 година. Во јануари 2026 година, приходите од овој сектор се најниски од почетокот на војната, додека каматните стапки во Русија изнесуваат 16 проценти, а инфлацијата останува висока.
„Ова само го потврдува она што веќе го знаевме – санкциите функционираат“, изјави фон дер Лајен, повикувајќи ги земјите членки брзо да го одобрат новиот пакет. Според неа, тоа ќе биде силен политички сигнал во пресрет на четвртата годишнина од почетокот на војната, за непоколебливата поддршка на ЕУ за слободна и суверена Украина.
