ЕУ ја спроведува енергетската транзиција: Намалена побарувачка за фосилни горива

Европската Унија доследно ја спроведува енергетската транзиција, а доказ за тоа е фактот дека во 2023 година повеќе електрична енергија се произведувала од обновливи извори (ОИЕ) отколку од фосилни горива.

Според последните податоци објавени од Еуростат, обновливите извори биле водечки извор на електрична енергија минатата година, со 44,7 отсто од годишното производство во Европската унија. ОИЕ учествува со 1,21 милиони гигават-часови, што е зголемување од 12,4 отсто во споредба со 2022 година.

Најголеми инвестиции се забележани во сончевата енергија и енергијата на ветерот, а комбинираниот капацитет на овие два обновливи извори се зголеми за 73 GW во 2023 година. Сончевата енергија доживеа вистинска експанзија минатата година, бидејќи нејзиниот капацитет во Европската унија се зголеми за 56 GW, во споредба со 41 GW додадени во 2022 година, објави здружението SolarPower Europe.

Од друга страна, електричната енергија произведена од фосилни горива е намалена за 19,7 отсто во однос на претходната година, а производството изнесува 0,88 милиони гигават-часови или 32,5 отсто од вкупното производство.

А кога станува збор за нуклеарната енергија, Советот на земјите-членки на ЕУ и Европскиот парламент на почетокот на февруари годинава се договорија нуклеарната енергија да се прогласи за стратешка технологија за декарбонизација на ЕУ.

Минатата година нуклеарните централи произвеле 0,62 милиони гигават-часови, што претставува 22,8 отсто од годишното производство на енергија во ЕУ. Франција со своите 56 оперативни реактори е водечка земја во Европската унија во однос на производството на нуклеарна енергија.

Намалена побарувачка за фосилни горива

Поголемите инвестиции во обновливи извори значи помала зависност на Европската унија од фосилните горива. Така, во 2023 година, според прелиминарните податоци, снабдувањето со природен гас во ЕУ е намалено на 12,8 милиони тераџули, што е пад од 7,4 отсто во однос на една година претходно. Ова резултираше со најниска побарувачка за природен гас од 1995 година.

Уште поостар пад е забележан кај јагленот: понудата на кафеав јаглен е намалена за 24,2 отсто, а понудата на тврд јаглен за 20,4 отсто. Двете бројки се најниски забележани во историјата на евидентирање податоци, објави Евростат.

Кога станува збор за нафтата и нафтените деривати, испораката изнесува 526.862 илјади тони, што е намалување за 1,5 отсто во однос на 2022 година.

Фото: pexles

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни