Ескалација на Блискиот Исток: Трамп најавува нови силни напади, Иран возвраќа со ракети и дронови

Четиринаесетти ден од војната меѓу САД, Израел и Иран. Трамп најавува нови напади, Иран тврди дека гаѓал американски бази, а Саудиска Арабија пресретнала шест дронови.

Четиринаесеттиот ден од конфликтот на Блискиот Исток минува во нова ескалација на нападите меѓу САД, Израел и Иран. Лидерите на трите земји порачаа дека нема да попуштат и дека борбите ќе продолжат, додека војната се приближува кон крајот на втората недела. Илјадници луѓе се убиени, милиони се погодени од последиците, а глобалните финансиски пазари се сериозно потресени.

Саудиска Арабија пресретнала шест дронови

Министерството за одбрана на Саудиска Арабија соопшти дека во источниот дел на земјата пресретнало и уништило шест дронови.

Според информациите, Иран во последните часови извршил ракетни и дронски напади низ регионот на Заливот, таргетирајќи американски воени бази, инфраструктура и цивилни објекти.

Иран тврди дека нападите се координирани со Хезболах

Иранската Револуционерна гарда соопшти дека иранската армија лансирала проектили и дронови кон Израел во координација со либанскиот сојузник Хезболах.

Според соопштението, во нападите биле користени голем број прецизно наведувани ракети на цврсто гориво од типот „Kheibar Shekan“.

Гардата наведе дека операцијата е дел од одбележувањето на Денот Ал-Кудс, кој традиционално се користи за изразување поддршка на палестинската кауза.

Ларијани со напад кон американските лидери

Високиот ирански функционер Али Ларијани остро одговори на изјавата на американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, кој претходно тврдеше дека иранските лидери се кријат „како стаорци“.

Ларијани изјави дека иранските лидери се меѓу народот и јавно се појавуваат, посочувајќи дека неколку високи функционери, вклучувајќи го и претседателот Масуд Пезешкијан, присуствувале на собир во Техеран.

„Господине Хегсет! Нашите лидери беа и сè уште се меѓу народот. А вашите лидери? На островот на Епштајн“, напиша Ларијани на платформата X, алудирајќи на покојниот сексуален престапник Џефри Епштајн.

Иран дозволил танкери да поминат низ Ормускиот теснец

Во меѓувреме, се појавуваат информации дека Иран дозволил на два танкера за течен нафтен гас под индиско знаме да поминат низ Ормускиот теснец.

Според извори на Ројтерс, овој потег би можел делумно да ја ублажи кризата со снабдување со гас за домаќинствата во Индија.

Во следните денови се очекува во Индија да пристигне и танкер со сурова нафта од Саудиска Арабија кој минал низ овој поморски коридор на почетокот на март.

Иранската војска се заканува со нови напади

Портпарол на централниот штаб „Хатам ал-Анбија“ соопшти дека иранската армија во рамки на 43-от бран од операцијата „Ветување на вистината 4“ извела напади врз Петтата флота на САД, американски бази во регионот и цели во Израел.

Во нападите, како што тврдат иранските власти, биле користени балистички ракети „Khorramshahr“ со боеви глави од две тони, ракети „Qadr“ со касетни боеви глави, како и ракети „Emad“, „Kheibar Shekan“ и повеќе борбени дронови.

Според иранските медиуми, нападите погодиле цели на северот на Израел, меѓу кои Кирјат Шмона, Хадера и Хаифа, како и позиции на американската војска во регионот.

„Каде и да се наоѓате во регионот, особено во станбени зони, индустриски области и подземни засолништа, ќе бидете затрупани со оган и урнатини“, порача портпаролот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни