Ова го изјави претседателот на компанијата, Н. Чандрасекаран, во обид да ги смири шпекулациите околу причините за несреќата која однесе најмалку 270 животи.
Во интервју за индискиот канал „Тајмс Нау“, Чандрасекаран објасни дека десниот мотор бил заменет во март оваа година, а левиот бил последен пат сервисно проверен во 2023 година. Според него, двата мотори имале „чиста“ историја и немале пријавени дефекти.
Боингот 787-8 Дримлајнер, лет AI171, се урна помалку од една минута по полетувањето од Ахмедабад кон Лондон, во катастрофа која ја потресе Индија. Во моментов, истражителите работат на анализа на податоците од црните кутии со цел да ја реконструираат последната минута од летот.
„Сè уште нема простор за заклучоци“, рече Чандрасекаран. „Експертите се согласни дека записите од црната кутија ќе ја дадат вистинската слика.“
Возраста на моторот не значи сè
Поранешниот истражител Кишор Чинта од Бирото за авионски несреќи на Индија истакна дека возраста на моторите – особено Genx-1B моделите од GE Aerospace – не е директно поврзана со нивната безбедност. Овие мотори користат напреден систем FADEC, кој во реално време ги следи перформансите и носи одлуки за сервисирање врз основа на фактички податоци.
Чинта додаде дека само некои критични компоненти имаат фиксни рокови за замена, врз основа на циклуси на вклучување и исклучување.
Последици за Ер Индија
По несреќата, Ер Индија објави 15% намалување на меѓународните летови со авиони со широк труп до средината на јули, поради „отежнувачки околности“ – зголемени безбедносни проверки, претпазливост кај екипажот и геополитички тензии на Блискиот Исток.
Во меѓувреме, 26 од 33 авиони од моделот 787 се веќе целосно проверени и одобрени за лет. Дополнителни инспекции се вршат и на флотата Boeing 777, како дел од вонредна безбедносна проценка наредена од индискиот регулатор.
Предизвик за планот за трансформација
Несреќата доаѓа во чувствителен момент за Ер Индија, која се обидува да се врати како конкурентен приватен превозник под сопственост на Tata Sons. Компанијата, која во 2022 година ја презеде авиокомпанијата од државата, има амбициозна цел да ја врати Ер Индија на глобалната сцена, но трагичниот инцидент ја става под зголемено внимание.
„Ограничувањата се болни, но неопходни“, изјави компанијата, додавајќи дека истрагата е во тек и оти безбедноста на патниците останува приоритет број еден.
Извор: BBC