Федерален судија во Њујорк објави наводна порака од Џефри Епстин, која со години била под судски печат како дел од постапка поврзана со неговиот поранешен цимер во затворот.
Документот стана достапен за јавноста по барање на „Њујорк тајмс“.
Во пораката, за која се тврди дека ја напишал Епстин, се споменува истрагата против него и неговиот однос кон обвиненијата. Сепак, медиумот наведува дека не можел целосно да ја потврди автентичноста на документот.
Пораката наводно била пронајдена во 2019 година од Николас Тарталјоне, тогашен цимер на Епстин во затворската ќелија. Тој тврди дека белешката ја нашол во стрип, кратко откако Епстин бил изнесен од ќелијата по претходен инцидент. Подоцна, документот им бил предаден на неговите адвокати.
Судијата Кенет Карас од Њујорк одлучил пораката да биде објавена откако медиумите побарале пристап до неа.
Објавувањето на документот повторно ги отвори прашањата и сомнежите околу смртта на Епстин, кој во август 2019 година беше пронајден мртов во затвор во Њујорк. Официјално, неговата смрт беше прогласена за самоубиство, но јавноста со години дебатира за пропустите во затворскиот надзор и околностите во кои починал.
Епстин беше обвинет за трговија со луѓе за сексуална експлоатација. Неговата долгогодишна соработничка Гислејн Максвел во 2021 година беше осудена на 20 години затвор.
Случајот со години предизвикува големо внимание поради мрежата на познати личности што се споменуваа во врска со Епстин. Меѓу нив беше и британскиот принц Ендру, кој постигна вонсудска спогодба со една од жртвите.