Утрото на 27 ноември во 2023 година Македонија се разбуди со веста дека е исчезнато девојче во строгиот центар на Скопје.
Апелите на мајката на 13 годишната Вања Ѓорчевска молскавично се споделуваа во јавноста со надеж дека некој од некаде ќе се јави и ќе соопшти дека таа е пронајдена.
За жал, не беше така. Во деновите потоа насекаде се слушаа само прашалници за тоа каде е Вања и дали е најдена.
Трагичната вест стигна една недела подоцна, на трети декември кога беше соопштено дека нејзиното тело е најдено закопано на периферијата на Скопје.
Набрзо се дојде и до виновниците. Љупчо Палевски (кој беше во бегство) и неговите помошници Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев кои во меѓувреме го признаа делото.
На 25 јуни оваа година сите обвинети беа осудени на единствена казна доживотен затвор за грабнувањето и убиството на Вања но и на пенизонерот Панче Жежовски од Велес.
Во предметот беше обвинет но судски ослободен Александар Ѓорчевски таткото на Вања.
Во обвинението стои дека обвинетите заедно испланирале грабнување на Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Убиството на Вања Ѓорчевска е најсвирепото и најмонструозно убиство во историјата на независна Македонија.
Во работен ден, во центарот на Скопје беше грабнато малолетно девојче и потоа ладнокрвно убиено и закопано на падините на Скопска Црна Гора.
