Иако никој пијалак сам по себе не може да гарантира здраво срце, одредени видови чај можат потенцијално да помогнат во регулирањето на крвниот притисок и намалување на ризикот од срцеви заболувања. Стручњаците за исхрана и нутриционистите нагласуваат дека умерена, но редовна консумација на чај може да биде вреден додаток на здравите животни навики.
Многу љубители на чајот велат дека дневното пиење им носи чувство на смиреност, но и физичкa благосостојба. Нутриционистите предупредуваат дека ефектот не е моментален и дека најкорисните резултати се видливи при долгорочна консумација, особено ако чајот е дел од избалансирана исхрана со помалку сол, редовно вежбање и одржување на здрава телесна тежина.
Зелениот чај
Зелениот чај е еден од најпознатите пијалаци поврзани со здравјето на срцето. Многу студии покажале дека неговите антиоксиданси, особено катехините, можат да помогнат во намалување на крвниот притисок и заштита на крвните садови од оксидативен стрес.
Стручњаците објаснуваат дека зелениот чај поттикнува проширување на крвните садови, што придонесува за подобра циркулација и помало оптоварување на срцето. Редовно пиење од три до пет шолји дневно може да донесе благи, но долгорочно корисни ефекти.
Нутриционистите исто така нагласуваат дека зелениот чај може да помогне во намалување на нивото на „лошиот“ LDL холестерол и подобрување на еластичноста на артериите. Сепак, ефектите се разликуваат од личност до личност, а преголема количина може да предизвика немир или несоница поради присуството на кофеин. Умереноста и континуитетот се клучни за позитивното дејство.
Црн чај
Црниот чај, иако потекнува од истата билка како зелениот, поминува низ процес на оксидација што му дава подлабока боја и посилен вкус. Истражувањата покажуваат дека и црниот чај може да придонесе за здравјето на срцето, иако во помала мера.
Редовната консумација може да помогне во намалување на систолниот и дијастолниот крвен притисок и подобрување на функцијата на крвните садови. Според експертите, овие ефекти се скромни, но значајни, и долгорочно можат да го намалат ризикот од срцеви заболувања.
Нутриционистите советуваат црниот чај да се пие без премногу шеќер или млеко, за да се зачуваат неговите корисни својства. Кај лицата кои го консумираат секојдневно, забележан е помал ризик од срцев и мозочен удар. Како и со зелениот чај, важно е да се внимава на внесот на кофеин и да се прилагоди количината според личните потреби и здравствената состојба.
Извор: Index.hr