На 13 февруари, со почеток во 20:00 часот, на малата сцена на Драмски театар – Скопје ќе се одржи премиерата на „Драми на принцезите – Џеки“, монодрама инспирирана од претставата „Драми на принцезите“ на словенечката режисерка Жива Бизовичар.
Во оваа монодрама, Трајанка Илиева-Вељиќ ја толкува Џеки Кенеди, сопругата на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди, а текстот е авторско дело на австриската писателка Елфриде Јелинек.
– Јелинек ја користи фигурата на Џеки како културен и медиумски конструкт. Таа е симбол на жена претворена во икона преку траумата – жена чија болка е јавна, естетизирана и консумирана од масовната култура. Џеки не постои како субјект со сопствен глас, туку како слика врз која се проектираат политичките и медиумските наративи. Смртта на нејзиниот сопруг не е само лична загуба, туку и спектакл, историски момент што ја замрзнува во улогата на „вечната вдовица“. Јелинек ја проблематизира токму оваа улога: жената мора да биде достоинствена, убава и тивка додека светот ја набљудува нејзината траума – се наведува во експликацијата на претставата.
Монодрамата, како што истакнуваат авторите, ја разобличува врската помеѓу моќта, машкиот политички мит и женската пасивност.
На денешната прес-конференција, директорот на Драмски, Роберт Вељановски, и актерката Трајанка Илиева-Вељиќ, ја најавија првата премиера во годината, со која театарот ја одбележува и 80-годишнината од своето постоење.
– Оваа монодрама го прикажува светот на потиснатите чувства на Џеки, а не историските факти. Зборува за она што вистинската Џеки не смеела или не можела да го каже во своето време. И покрај надворешната сила, таа се соочувала со многу „духови“. Нејзиното страдање е одраз на тагата на сите жени во светот – вели Илиева-Вељиќ.
Тимот зад претставата:
Драматурзи: Ник Жнидаршиќ и Викторија Рангелова-Петровска (втор драматург и редакција на превод). Превод од германски: Катерина Шекутковска. Сценограф и автор на музика: Јан Крмељ и костимограф: Александар Ношпал.
