Повреден планинар, кој не бил во можност самостојно да се движи, денеска е успешно евакуиран од планината Кораб во брза и координирана акција на надлежните служби, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Инцидентот бил пријавен преку единствениот број за итни повици 112, по што веднаш била активирана спасувачка операција преку Регионалниот центар за управување со кризи во Тетово.
Во акцијата учествувале СВР Тетово, Полициската станица Маврово и ЈП Национален парк „Маврово“, заедно со ренџерите на паркот, кои први успеале да го лоцираат повредениот на тешко пристапен терен.
Според информациите, планинарот бил пронајден во стабилна здравствена состојба, по што започнала неговата безбедна евакуација кон селото Жужње. Таму бил преземен од екипа на Итната медицинска помош од Гостивар, која го продолжила понатамошниот медицински транспорт и третман. Од ЦУК информираат дека благодарение на брзата реакција и добрата координација меѓу службите, евакуацијата завршила успешно и без дополнителни компликации.