Search

До 2023 производството на нафта ќе ја надмине побарувачката

Последниот годишен извештај на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) за нафтениот пазар „Нафта 2024“ навестува дека ни претстои трансформативен период за глобалниот пазар на нафта.

Врз основа на сегашните трендови, употребата на нафта во наредните години треба да биде поттикната од силната побарувачка од брзорастечките економии во Азија, како и од воздухопловниот и петрохемискиот сектор.

Од друга страна, растот на продажбата на електрични автомобили, подобрувањето на ефикасноста на горивото кај конвенционалните возила, намалувањето на употребата на нафта за производство на електрична енергија на Блискиот Исток и структурните економски промени ќе го неутрализираат зголемувањето на побарувачката на нафта во годините што следат.

Како резултат на тоа, извештајот предвидува дека глобалната побарувачка на нафта, која, вклучително и биогоривата, во просек изнесуваше нешто над 102 милиони барели дневно во 2023 година, ќе достигне околу 106 милиони барели дневно до 2030 година.

Во исто време, растот на глобалниот капацитет за производство на нафта, особено во САД, се очекува да ја надмине побарувачката за црно злато до 2030 година.

Така, вкупниот капацитет за снабдување ќе се зголеми на речиси 114 милиони барели дневно до крајот на деценијата, или неверојатни осум милиони барели дневно над проектираната глобална побарувачка, предвидува ИЕА.

Ова ќе обезбеди резерви на нафта досега невидени освен за време на екот на пандемијата Ковид-19.

„Како што завршува закрепнувањето од пандемијата, напредува транзицијата со чиста енергија, а структурата на кинеската економија се менува, растот на глобалната побарувачка на нафта забавува и треба да го достигне својот врв до 2030 година. Оваа година очекуваме побарувачката да се зголеми за околу 1 милион барели дневно“, изјави извршниот директор на ИЕА Фатих Бирол.

И покрај забавувањето на растот, глобалната побарувачка на нафта се уште се проектира да биде за 3,2 милиони барели дневно повисока во 2030 година отколку во 2023 година, доколку не се спроведат поинтензивни мерки. Зголемувањето се очекува да биде поттикнато од растечките азиски економии – особено зголемената употреба на транспортна нафта во Индија – и поголемата употреба на авионско гориво и петрохемиски суровини во Кина. Спротивно на тоа, побарувачката за нафта во развиените економии ќе продолжи со повеќедеценискиот пад, од околу 46 милиони барели дневно во 2023 година на помалку од 43 милиони барели дневно до 2030 година.

Фото: pexels

Најново

Последни колумни