Џијан Емин за слободата, инспирацијата и одговорноста на македонската музичка сцена

Уметниците  имаат голема одговорност бидејќи имаат моќ директно да влијаат  во поставувањето стандарди или евентуално позитивни промени на веќе застарени стандарди. Наша задача е да го држиме народот буден, нашата јавна појава и порака да бидат искрени, со можност позитивни, да инспирираме потенцијални промени, да инспирираме надеж и храброст, и да се најде начин лицемерието на секојдневието да се поништи, или барем да се разбере и прифати дека хипокризијата е една од главните пречки за развој на нашата свест како нација и држава.

Година дена по последното интервју, Џијан Емин, диригентот на Националниот џез оркестар, го разгледува својот пат низ изминатата сезона на овој уникатен ансамбл. Од ризици и визии до реализирани соништа, сезоната се покажа како најзрела досега, со врвни музички имиња, инспиративни концерти и публика која го препознава квалитетот. Во разговорот, Џијан ја споделува својата инспирација, размислувања за успехот на оркестарот, уметничкиот ризик и одговорноста на музичарите во креирањето културен простор.

Трн: Во последното интервју пред година дена зборувавме за плановите за претстојаната сезона на Националиот џез оркестар. Година дена подоцна, како лично ја доживеа втората сезона на Националниот џез оркестар – дали како ризик, како визија или како неопходност што одамна чекала да се случи?  

Џијан: Оваа сезона беше најзрелата досега, со одличен избор на светски, регионални и домашни признати уметници и диригенти,  со европска турнеја со авторска музика, со прекрасна публика и атмосфера. Имавме чест на сцената да се појават врвни светски музички имиња како Дони Мекаслин и Марија Мендеш, предводени од Владимир Николов,  Јелоуџекетс предводени од живата легенда Боб Минцер, Луис Бонила кој заедно со Зиги Фајгл настапија на Скопскиот Џез Фестивал, , афро бит ѕвездата Шеун Кути, потоа концерт со Рамбо Амадеус, Дарко Рундек и Влатко Стефановски во една вечер, детски концерт на тема Биби и Боби и други. Сите концерти беа толку различни по тематика што самото по себе претставува ризик, но на крај реализирана визија која покажа дека сме подготвени како ансамбл да се носиме со предизвиците кои се  силни и непредвидливи.

Трн: Кога почна со оркестарот, што ти беше најголемиот страв, а што најголемата надеж  и што од тоа се оствари? 

Џијан: Мојата најголема надеж и желба е овој оркестар да создаде уметничка платформа преку која ќе може да се реализираат идеи кои до пред некое време беше невозможно да се замислат. Покрај концертната дејност, да се започне и аудио продукција која ќе ги документира музичките случувања, да се даде простор на композиторите од државата и регинот да бидат носители на проекти, соработка со другите оркестри од регионот, барем еднаш годишно да имаме уметник во резиденција ( artist in residence) со кого би можеле да развиваме нови похрабри идеи,  новите генерации да учествуват повеќе во сите процеси, да бидат инспирирани од постоењето на една таква уметничка платформа. 

Џијан: Кога започнавме немаше никаков страв, очигледно и јасно беше дека успехот е загарантиран. Беше прашање на време. Сега следат вистинските предизвици, како да се задржи непосредниот и слободен дух, како да не се стопиме во конформизам и комодитет, состојби кои во институцијата како форма се очекувани. Се надевам дека нема да потклекнеме на овие психолошки стапици и дека друштвото ќе продолжи да расте во позитивна насока како и досега.

Трн: Во што, според тебе, лежи успехот на оваа сезона: во репертоарот, во музичарите, во слободата или во гладот за ваков оркестар кај публиката?

Џијан: Со престанувањето на работниот процес на Ревискиот оркестар при МРТВ се појави огромна дупка на сцената која зјаеше долги години. Појавата на Џез оркестарот е големо освежување. При тоа, факт е дека имаме одличен избор на солисти, светски врвни музичари, со релевантни признанија и награди за нивната работа. Потоа голем придонес додава умешноста при создавање на програмата која покрива доста жанрови. Слободата во изразот која е една од главните одлики на џезот, помага да се претставиме и со похрабри програмски решенија, преку кои можеби влегуваме и во процес на едукуција. На крај публиката како најважна и ќе кажам основна причина поради која ние постоиме, публика која не следи од самиот почеток и  без која нашето делување е невозможно. Сите горе споменати фактори надополнети со фантастичните изведби на оркестарот создаваат една убава инспиративна слика и пример дека може да имаме  успешна сезона по сите параметри. 

Трн: Дали чувствуваш  дека Националниот џез оркестар не е веќе „нов проект“, туку институција што публиката ја препознава и ја чека?

Џијан: Публиката се навикна на нашите концерти. Очекувањата и апетитите се пораснати, сите очекуваат дека мора да бидеме подобри со секој следен  концерт. Добра страна е тоа што и помеѓу музичарите во оркестарот, очекувањата, амбициите и желбата за квалитет се пораснати. Ние одамна не сме „нов проект“, ние сме оркестар кој публиката го препознава и очекува на нашите концерти да си помине убаво. Ние ќе се задржиме на таа взаемна енергија која е преубава и воедно неопходна за функционирање и постоење воопшто.

Џијан: Имаше ли концерт по кој излезе од сала со чувство дека музиката навистина ја исполнила својата смисла? 

Џијан: Сите концерти се различни, според естетиката на самата музика, која има своја специфична приказна, со посебна единствена енергија, со посебен пристап од секој музичар на секој концерт. Секако има концерти кои знаат да ја наполнат душата, а со тоа и смислата. Од оваа сезона би го издвоил концертот со Дони Мекаслин кој според мене имаше силна современа уметничка и композиторска порака, и концертот со Рамбо Амадеус, Дарко Рундек и Влатко Стефановски кој спои тројца музички великани од овие простори во една фантастична концертна вечер. Коментарите од публиката и јавноста беа дека ова е наш најдобар концерт досега. Мене лично ми се најмили концертите на кои свириме наша авторска музика, бидејќи според мене тоа треба да биде најважниот дел од нашето делување како уметници. 

Трн: Што барате кај уметниците кога ги поканувате да соработуваат со Националниот џез оркестар – техничка брилијантност или уметнички ризик?

Џијан: Техничката брилијантност или виртуозноста се аспекти кои се многу важни за било кој изведувач. Тежок е и макотрпен патот за да се постигне целта, долги години поминати со инструментот за  да може еден уметник да не размислува за техничкиот дел од изведбата. Сепак, јас сметам дека тоа е еден нормален и очекуван дел од музичкиот развој на еден музичар. Некому му е потребно повеќе време за вежбање, некому помалку. Очекувано е професионален музичар да може да ги извршува зададените задачи. Од друга страна, некој едноставно нема физички и ментален апарат за да биде виртуоз. Тоа се важни параметри, но не пресудни.  Според мене најважно е : што е тоа што го кажува уметникот, кому се обраќа и во каква естетска форма. За мене секогаш тие кои превземаат  уметнички ризик се вистинските ликови. Тоа се луѓето кои оставиле печат во историјата, кои силно учествувале во промените на уметничките епохи, луѓе кои имаат силна движечка енергија и не се плашат да погрешат. Ризикот е голем, со тоа и потенцијалниот успех и признание доколку се случи во нивниот животен тек, се огромни.  

Трн: Кога ќе погледнеш наназад на твојот пат, од  музичар до композитор и диригент, каде денес се чувствуваш најавтентично?

Џијан: Мислам дека е потполно погрешен правец некој да се залажува себеси дека може одредени работи да ги прави поавтентично од други. Во мојот случај, чувството и одговорноста ми е иста и кога диригирам, и кога компонирам и кога свирам. Пред некој ден имавме многу убава музичка дружба со Георги Шарески, Оливер Јосифов и Александар Петров. Настапивме во Аудио култура во една непосредна убава атмосфера. Уживам во моментот кој е неповторлив. Музиката е временска уметност. Нема реприза. Тоа за мене е живот. Сé е автентично. 

Трн: Како гледаш на музичката сцена во Македонија денес – дали сме во фаза на стагнација или тивка, но длабока трансформација?

Џијан: Музичката сцена кај нас секогаш била најразнолична, полна со извонредни музичари и карактери. Така е и денес. Има одлични инструменталисти, кои учат тука или надвор од државата. Некои успеваат да се наметнат со своите идеи, а некои не успеваат воопшто. Немаме систем кој стимулира креативни движења и со тоа целиот процес најчесто се сведува на личната амбиција која доаѓа од потребата за изразување. Нашата музичка сцена е во постојана позитивна трансформација и во постојана стагнација. Толку блиску до врвот, а во исто време неверојатно далеку. Можеби терминот апсурд е вистинското објаснување за нашата сцена. 

Секој граѓанин на оваа држава има општествена одговорност во процесот на создавање културен простор. Тој процес започнува од домашното воспитување, самото излегување од дома, поздравување на комшиите во влез или лифт, давање пример за екологија, култура во сообраќајот, култура на улица,…Едноставно во сите аспекти на нашето живеење и со сите наши лични избори, имаме огромна одговорност и влијание во креирањето на културниот простор. Секако уметниците  имаат уште поголема одговорност бидејќи имаат моќ директно да влијаат  во поставувањето стандарди или евентуално позитивни промени на веќе застарени стандарди. Наша задача е да го држиме народот буден, нашата јавна појава и порака да бидат искрени, со можност позитивни, да инспирираме потенцијални промени, да инспирираме надеж и храброст, и да се најде начин лицемерието на секојдневието да се поништи, или барем да се разбере и прифати дека хипокризијата е една од главните пречки за развој на нашата свест како нација и држава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни