За да стигнете до месноста Суви Лаки – познато излетничко место и викенд населба на планината Огражден, кое се наоѓа на самиот пат помеѓу Струмица и Берово, мора да поминете низ едно поле и висорамнина по име Хамзали. Е тоа поле е едно од најплодните во струмичката котлина, посебно за винско лозје. Но, некогаш овде се произведувала гума. Зошто?
Фамилијата Бата од чешкото градче Злин, неколку децении од минатиот век биле најголемите производители на обувки во светот. Во Скопје и денес сè уште постои продавница на Бата. Во една година произведувале по неколку милиони пара обувки а во одредени периоди вработувале и над 100.000 луѓе. За дел од нив изградиле мали семејни куќи. Подигнале и училишта за момчиња каде школувале илјадници ученици на возраст од 14 години.
Како што пишува Мариуш Шчигел во неговото дело Готленд, момчињата, покрај учењето, имале обврска да работат во фабриките ( вака изгледал капитализмот во 30 те години од минатиот век). За работата, ученикот неделно добивал по 120 круни, од кои 70 круни можел да ги потроши а остатокот се чувал на негова лична сметка. Се е така смислено што кога младиот маж на возраст од 24 години ќе се врати од воена служба во Бата, ќе има на сметка сто илјада круни. Воспитувачите во интернатите ги контролирале дневниците на издатоци. Ги контролирале и момчињата, дали ги држат рацете врз јорганот кога ќе легнат да спијат. Во 1927 година во Злин секој триесет и петти жител имал личен автомобил, што било меѓу највисоките просеци во Централна Европа.
Сопственикот Томаш Бата станал светски позната личност и организирал значајни културни настани со учество на преку 120 сликари и уште толку писатели. Производителите на авиони често го посетувале со намера да му ги продадат последните модели. Се знае дека купил 4 модели на Де Хавиленд. Во едниот од нив загинува. Летајќи над градот, Томаш забележал една ливада опкружена со шума: – Тоа би биле убави гробишта – му рекол на пилотот. И така се случило. Томаш ова ливада ја претворил во градски гробишта на Злин. Одржал говор на нивното отворање и веројатно ни на крај памет не му било дека тој ќе биде првиот мртовец закопан таму. Три месеци после овој говор, во едно магливо утро инсистирал да полета со неговиот авион Јункерс Д1608. Пилотот го молел да почекаат. Не сум љубител на чекањето – му одговара Томаш. Полетуват и неговиот авион удира во фабрички оџак. Авионот се распаѓа на три дела а скршеното ребро му се забива во срцето на Томаш Бата.
Но, да го забрзаме крајот на оваа колумна. Од 1926 година, Томаш Бата вовел пауза од работа во времетраење од 2 часа . Жените тогаш можеле да се вратат дома и да направат ручек, но Бата не гледа смисла во тоа, бидејќи изградил големи мензи и стоковна куќа во која имало се. Жени- велел во неговиот говор- нема да морате дури ни да правите зимница, Бата ќе ја направи за вас.
Мажите и жените за времето на паузата можат да прават што сакаат, но сепак се препорачува:
- Лежење на тревниците на Плоштадот на трудот ( кога е убаво времето)
- Да се користи киното кога е лошо времето ( Бата во центарот на градот го поставил најголемото кино во Централна Европа, со три илјади седишта, а билетот чинел, симболично, една круна.
- Неподлегнување на денгубење, па затоа најдобро е да се чита, но со едно предупредување: НЕ ЧИТАЈТЕ РУСКИ РОМАНИ- гласи слоганот смислен од Бата и напишан на еден од зидовите на крзнарата. Зошто? Одговорот Бата го напишал на sидот на зградата за гумирање: РУСКИТЕ РОМАНИ ЈА УБИВААТ РАДОСТА НА ЖИВЕЕЊЕТО.
Е токму во таа зграда каде било напишано ова, се користела гумата направена од растенијата од Хамзали кои Бата ги одгледувал за производство на толку познатите обувки.