Брачната двојка, која се познава повеќе од 50 години, ќе има малку време за приватна прослава на „порцеланската“ годишнина од бракот. Имено, по напорниот ден тие ќе бидат почесни гости на свечен банкет во рамки на четиридневната државна посета на Италија.
Кралот се лекуваше од неодреден облик на рак од февруари 2024 година, а минатиот месец накратко страдаше и од несаканите ефекти од терапијата.
И покрај се, на ова патување сакаше да замине со сопругата, која често во јавноста ја нарекува „својата сакана сопруга“.
„Тие се близок пар, на иста возраст, со заеднички пријатели и слична смисла за хумор“, изјави за AFP кралскиот експерт Ричард Фицвилијамс.
„Таа го засмејува, што е особено важно во овој тежок период“, додава тој, зборувајќи за кралот кој знае да биде тврдоглав и кој е тешко да се убеди дека треба помалку да работи.
Нивниот брак, кој следеше по долга и бурна врска, мораше да надмине огромни уставни, политички, религиозни, а да не зборуваме за семејни пречки, се сеќава Фицвилијамс.
Мајката на Чарлс, кралицата Елизабета Втора, долго време не сакала да ја прифати нивната врска.
Прашањето дали идниот крал може да се ожени со разведена жена предизвика загриженост кај правните и уставните експерти.
Надбискупот од Кентербери, Роуан Вилијамс, одбил да ги венча во црква. Против беше и јавноста – дури 70% од луѓето, според тогашните анкети, ја поддржале принцезата Дијана, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година.
Кралицата Елизабета Втора не присуствуваше на граѓанската венчавка, која се одржа во округот Виндзор на 9 април 2005 година и на која присуствуваа околу триесетина гости. Сепак, таа присуствуваше на црковниот благослов во капелата на замокот и приреди прием за младенците.
Во здравицата тогаш, таа призна дека нејзиниот син ги надминал „страшните пречки“ за да се ожени со жената што ја сака и рече дека е многу горда на него.
А Чарлс, кој ја запозна Камила на почетокот на 1970-тите и веднаш беше шармиран од духот и непосредноста на младата аристократка, чекаше со децении за да ја постигне својата цел.