Charlie Hebdo на удар поради карикатура за пожарот во Швајцарија

Карикатура објавена на ден на жалост, поврзана со смртоносниот пожар во скијачкиот центар Кран-Монтана, предизвика остри реакции и кривична пријава против францускиот сатиричен магазин.
Foto: X

Францускиот сатиричен неделник Charlie Hebdo се најде под жестоки критики во Швајцарија, откако објави карикатура поврзана со трагичниот пожар што избувна во бар во познатото скијачко одморалиште Кран-Монтана. Во пожарот, кој се случи во новогодишната ноќ, загинаа 40 лица, а повеќе од 100 беа повредени.

Во петокот, кој во Швајцарија беше прогласен за ден на жалост, Charlie Hebdo објави карикатура на која се прикажани два изгорени скијачи, со натпис „Les brûlés font du ski“ („Изгорените одат на скијање“). Станува збор за игра на зборови со насловот на француската филмска комедија Les Bronzés font du ski од 1979 година. На илустрацијата е видлив патоказ со натпис „Кран-Монтана“, а во долниот десен агол стои пораката „комедија на годината“.

Објавата предизвика бран огорченост во швајцарската јавност. Швајцарски адвокат и неговата сопруга поднеле кривична пријава до државното обвинителство во кантонот Вале против Charlie Hebdo и авторот на карикатурата, Ерик Салш. Во пријавата се наведува дека карикатурата го крши швајцарското кривично право поврзано со насилни и понижувачки претстави, го нарушува достоинството на жртвите и ја банализира трагедијата преку хумор.

Подносителите на пријавата бараат покренување кривична истрага, а во случај на осудителна пресуда – исплата на отштета за сите жртви на трагедијата.

Случајот доаѓа само неколку дена по одбележувањето на 11-годишнината од терористичкиот напад врз редакцијата на Charlie Hebdo во Париз во 2015 година, кога вооружени напаѓачи убија 12 лица. Годишнината повторно ги отвори дебатите за границите на сатирата и слободата на изразување, што ја прави и најновата објава особено чувствителна – и во Франција и во Швајцарија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни