И покрај олеснувањето на санкциите за руската нафта, цените на светските пазари продолжуваат да растат

САД привремено ги олеснија санкциите за руската нафта, но цените на светските пазари продолжуваат да растат поради конфликтите на Блискиот Исток.

Иако САД привремено ги олеснија санкциите за продажба на руска нафта, цените на енергенсите на светските пазари продолжуваат да растат, поттикнати од геополитичките тензии и воените случувања на Блискиот Исток.

Министерството за финансии на САД одлучи привремено – во период од 30 дена – да дозволи продажба на руска нафта која веќе е во транзит, односно нафтени товари натоварени на бродови од 12 март. Според американскиот секретар за финансии Скот Бесент, мерката е ограничена и нема да донесе значајна финансиска корист за Москва.

„Ова се однесува само на нафтата која веќе е во транспорт и не претставува долгорочно олеснување на санкциите“, изјави Бесент.

Сепак, оваа одлука не го запре растот на цените на нафтата, кои се под силен притисок поради конфликтот меѓу САД, Израел и Иран и затворањето на Ормускиот теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта.

На светските берзи, цената на Брент нафтата достигна над 101 долар за барел, со неделен раст од речиси 10%, додека американската WTI нафта се искачи на околу 96 долари за барел, со раст од над 6% оваа недела.

Во САД, во меѓувреме, цената на горивото порасна за околу 65 центи по галон во последниот месец, што дополнително ја зголемува загриженоста за инфлацијата и енергетската стабилност.

Како дел од обидите за стабилизирање на пазарот, американското Министерство за енергетика најави дека ќе ослободи 172 милиони барели нафта од стратешките резерви, во координација со Меѓународната агенција за енергија, која планира дополнително ослободување на уште 400 милиони барели нафта од глобалните резерви.

Одлуката на Вашингтон за привремено олеснување на санкциите предизвика критики од европски лидери. Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека ваквиот потег е погрешен, истакнувајќи дека моментално проблемот е во цените, а не во снабдувањето.

Во меѓувреме, рускиот претставник Кирил Дмитриев изјави дека одлуката само ја потврдува реалноста дека глобалниот енергетски пазар тешко може да функционира без руската нафта.

Британските власти, пак, предупредија дека ваквите потези би можеле индиректно да ѝ помогнат на руската економија и воената машинерија во војната во Украина, додека тензиите со Иран дополнително ја усложнуваат ситуацијата на глобалните енергетски пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни