Бугарски инспектори отпуштени откако барале мито од тимот на Роби Вилијамс

Бугарското Министерство за транспорт отпушти двајца долгогодишни инспектори од Извршната агенција „Автомобилска администрација“ откако тие побарале мито од возачи на камиони кои ја превезувале опремата за концертот на британскиот пејач Роби Вилијамс во Софија.

Министерот за транспорт Гроздан Караџов потврди дека вработените, кои биле дел од системот уште од 2012 година, веднаш биле ставени под дисциплинска постапка и отстранети од функциите. Тој нагласи дека министерството целосно соработувало со Министерството за внатрешни работи за идентификација и апсење на вмешаните лица.

Случајот се однесува на четворица возачи на камиони со британски таблички кои носеле сценска и техничка опрема. Според истражителите, инспекторите на 25 септември побарале и примиле вкупно 400 лева (околу 205 евра) и 300 евра мито. Двајца возачи платиле по 200 лева, додека еден бил приморан да предаде 300 евра.

По пријавата на организаторите на концертот и со поддршка на британската амбасада, инспекторите биле приведени. Градското обвинителство во Софија соопшти дека обајцата се официјално обвинети за корупција.

Заменик-обвинителката Десислава Петрова изјави дека веднаш по пријавата била спроведена брза акција – биле претресени возила, адреси и лични предмети, а сведоци биле испитувани и пред истражители и пред судија. Таа нагласи дека апсењата биле извршени во тајност за да се спречи прикривање на докази.

На прес-конференција, министерот Караџов ги осуди постапките на инспекторите нарекувајќи ги „остатоци од наследената култура на корупција“.

„Ова се практики од минатото, несоодветни за нашата нова политика. Реагиравме брзо и одлучно – случајот беше пријавен во четврток, а веќе во петок двајцата вработени беа приведени,“ изјави тој, најавувајќи целосна соработка со правосудните органи.

Меѓутоа, синдикатот на агенцијата, предводен од Александар Иванов, се закани со штрајк и побара оставка на целото раководство. Според нив, проблемот е поширок и уапсените инспектори можеби не делувале сами. Тие тврдат дека корупцијата е вкоренета повисоко во хиерархијата и дека скандалот со концертот на Роби Вилијамс е само симптом на подлабок системски проблем.

Синдикатот предупреди дека без суштински реформи агенцијата ризикува дополнително да го изгуби јавниот кредибилитет.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни