Бугарската фондација „Македонија“ најави дека во недела ќе организира двочасовна блокада на граничните премини меѓу Бугарија и Македонија, како реакција на неодамнешниот инцидент пред Бугарската амбасада во Скопје. Според најавите објавени во бугарските медиуми, блокадите ќе се одржат на премините Деве Баир, Делчево и Ново Село, а организаторите тврдат дека протестот е координиран со бугарското Министерство за внатрешни работи и дека за него е добиена соодветна дозвола.
Повод за протестот е случајот во кој скопјанец запали две возила со дипломатски таблички пред Бугарската амбасада во Скопје. Осомничениот беше брзо приведен, а инцидентот беше осуден и од македонските и од бугарските власти.
Од фондацијата порачуваат дека блокадата нема за цел трајно да го попречува движењето на граѓаните, туку да испрати политичка порака. Во своето соопштение тие упатија критики кон македонскиот премиер Христијан Мицкоски и повикаа на „единство и сила“ меѓу бугарските граѓани. Се очекува во наредните денови надлежните институции од двете земји да соопштат повеќе детали за евентуалното влијание на најавените блокади врз граничниот сообраќај.