Украинската служба за безбедност (СБУ) соопшти дека привела британски државјанин под сомнение дека шпионирал за руските разузнавачки структури и дека се подготвувал за извршување терористички напади на украинска територија.
Според информациите објавени во украинските медиуми, станува збор за поранешен припадник на британските вооружени сили кој на почетокот на минатата година пристигнал во Украина со намера да работи како инструктор за обука на украинските трупи.
Сепак, како што наведува СБУ, мажот набргу бил регрутиран од руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), привлечен од ветувањето за „лесна заработка“. Украинските власти тврдат дека тој им доставувал чувствителни информации на руските служби, меѓу кои и координати на воени центри за обука на југот на Украина, како и податоци за странски инструктори кои соработуваат со украинската армија.
Дополнително, СБУ наведува дека осомничениот се подготвувал и за изведување терористички напади. Според обвинението, тој добил инструкции за изработка на импровизирана експлозивна направа, како и насоки каде да најде скриен пиштол со две наполнети рамки.
Мажот е уапсен уште во октомври, но деталите за случајот – меѓу кои и неговиот идентитет – се објавени дури денес.
Доколку биде прогласен за виновен за неовластено споделување доверливи информации со Русија, го очекува казна затвор до 12 години. Британското Министерство за надворешни работи за Sky News изјави дека побарало дополнителни информации од украинските власти.
