Британски милијарди или мигрантски кампови во Македонија — што е факт, а што шпекулација?

Новата изјава на британската амбасада повторно ја отвори дилемата што точно содржи партнерството меѓу Лондон и Скопје.

Обединетото Кралство последниве години инвестира милијарди фунти во програми за контрола на миграцијата и гранична безбедност на Балканот.
По последната изјава на Британската амбасада во Скопје дека со Северна Македонија „соработува во борбата против нерегуларната миграција“, повторно се отвори прашањето — што навистина стои зад ова партнерство и дали тоа има врска со шпекулациите за можни мигрантски кампови во земјата.

Како што пишува „360 степени“, во изјавата на амбасадата не се спомнува изградба на кампови, туку „размена на информации, обука и заеднички активности за спречување на илегална миграција“. Соработката, според нив, има за цел да ги зајакне институционалните капацитети и да го поддржи управувањето со границите.

Но, како што се вели во текст на „Рацин.мк“, оваа формулација е различна од онаа дадена во мај годинава, кога британскиот амбасадор изјави дека „нема никакви планови за градење кампови за мигранти во Северна Македонија“.
Таа промена во тонот предизвика реакции и дилеми дали станува збор за дипломатска нијанса, нов договор или само за внимателно избрани зборови во осетлив контекст.

Од тврдо „не“ до дипломатска тишина

Во мај амбасадата категорично ги отфрли шпекулациите дека Македонија би можела да стане дел од британскиот „поширок миграциски план“ кој предвидува обработка на азиланти надвор од територијата на Велика Британија.
Во најновата изјава, тој дел недостасува — што повторно ја врати приказната во медиумите и на социјалните мрежи.

Дел од порталите потсетуваат дека британскиот весник The Times неодамна повторно ја спомна Македонија во контекст на „регионални центри за мигранти“. Владата во Скопје тоа веднаш го негираше, нагласувајќи дека „не постојат никакви разговори или планови за такви објекти“.

Повеќе прашања отколку одговори

Од Министерството за внатрешни работи и натаму уверуваат дека Северна Македонија не преговара за изградба на кампови и дека соработката со Лондон се однесува исклучиво на превенција и борба со нерегуларна миграција.
Сепак, разликите во изјавите на британската страна отвораат прашања околу транспарентноста и довербата во меѓународната комуникација.

Граѓаните како и мнгу аналитичари бараат Владата јавно да ги објави деталите од договорот — за јавноста да знае дали зад британските милијарди стои само техничка поддршка, или нешто повеќе.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни