Челси Дикенсон е 34 годишна инфлуенсерка од Лондон која на Инстаграм ги објавува своите патувачки авантури. Таа започна предизвик да помине одмор во странство до 100 фунти (околу 118 евра), со кои треба да ги покрие трошоците за лет, храна, пијалок, активности и сместување.
„Барав дестинација на која тоа беше возможно. Откако ги видов летовите за Тирана за 11 евра во еден правец, знаев дека би можела да успеам ако најдам евтино место за сместување. Албанија започна да се појавува и во медиумите и на социјалните мрежи изминатите години, па резервирав очекувајќи поволен град, но не знаев ништо повеќе од тоа“ вели таа.
По слетувањето и превозот со автобус до градот, Челси се сместила во хотелот за две ноќевања, што ја чинеше околу 15 евра по вечер. Вечерата ја чинеше 6 евра, а според објавите на социјалните мрежи, ѝ се допаднала албанската храна.
„Албанската храна има медитерантско чувство, но е топла со многу месо во понудата. Не е многу поразлична од храната која може да се најде во северна Грција или Крф“ вели таа и додава дека доручек купила во маркет за да ги намали трошоците, но дека во кафуле нарачала џин-тоник за 3,5 евра.
Челси додава дека како и во сите поголеми градови и во Тирана постојат места со пониски и повисоки цени, но дека лесно може да се најде угостителски објект со пристапни цени.
Авантурата на Челси во Тирана траеше три дена, по што со лет од 11 евра се врати назад за Велика Британија. Таа кажа дека повторно би се вратила во Тирана, но кажа дека има и некои замерки за градот.
„Беше навистина убаво патување, а моја единствена забелешка за подобрување е дека автобусите кои возат кон аеродромот и треба да бидат на секој час, не се секогаш точни. Исто така, аеродромот во Тирана не прифаќа никакви дигитални карти за влез во авион“ вели таа.
Челси објаснува дека локалното население во Тирана било многу љубезно и дека на повеќето места каде што била се разбирала одлично на англиски.
„Тирана е град во кој може да се оди пеш секаде, па не морав да трошам многу на превоз или такси“ вели Челси и додава дека за целото патување потрошила околу 117 евра.