Годинава на Дрим Шорт фестивалот блеснаа два авторски гласови кои потврдија дека македонската кратка филска форма живее со полни гради. Трифун Ситниковски, добитник на Националната награда од жирито за „Мала Шега“ и Бранко Костески, носител на Наградата од публиката за „Остров“, споделуваат лични и професионални размислувања за тежината на наградите, предизвиците на авторството, процесот на креирање, како и за иднината на македонската кинематографија. Во овој заеднички разговор, двајцата млади автори отвораат теми кои одат подалеку од самите филмови – зборуваат за тоа како се создава автентична приказна, што значи признание од дома и колку се значајни фестивали како Дрим Шорт за нашата културна сцена.

Трн: Годинава на Дрим Шорт твојот филм ја доби Националната награда на фестивалот. Кој е твојот однос кон филмските награди кај нас, каква е нивната тежина?
Трифун: Мислам дека секоја награда си носи своја тежина и секогаш додава нешто повеќе на самиот филм. Искрено се гордеам со секоја победа, затоа што целиот тим работеше посветено и даде сè од себе и многу ми е драго што можам да го споделам тој успех со нив. Филмските награди од нашите фестивали ми се особено драги – не само затоа што доаѓаат од дома, туку и затоа што се признание од колегите со кои соработуваме и ги почитуваме.
Трн: Компаративно, која е разликата од снимањето на еден документарен истражувачки серијал и креативен филм. Колку е за тебе како режисер различен процесот?
Трифун: На прва, играната форма дозволува многу поконтролирани услови за разлика од документарната. Меѓутоа настрана од тие очигледни разлики, кога станува збор за процесот – пристапот мислам дека ми е ист. Секогаш се подготвувам детално, потполно исто внимавам на структурата на приказната и еднакво ме интересира човечката природа – било да е документарен лик или измислен. На крај, и во еднота и во другата форма размислувам за тоа што гледачот ќе го почувствува и што ќе извлече како
порака.

Трн: Која е главната идеја позади Мала Шега како филм?
Трифун: Оригиналната приказна на Чехов ме фасцинираше уште од средно школо кога првпат ја прочитав. Многу автентично го прикажува тој страв и несигурност што младите го чувствуваат околу љубовта и емоциите, особено ние машките. Па уште од факултетски денови се обидував да ја адаптирам меѓутоа никако не можев да го најдам сврзното ткиво кое ќе ја опфати пораката на расказот и истовремено ќе даде еден современ коментар околу денешните генерации. Кога стигнав до идејата филмот да зборува за масовното иселување на младите, за оној сериозен brain drain што се случува во нашата држава, и како тоа е поврзано со валидација и себе-валидирање тогаш сфатив дека имам основа за солидна адаптација.
Трн: Кои се омилените режисери од кои во моментов се инспирираш во работата и зошто?
Трифун: Често ми се менуваат влијанијата, зависи од проект до проект. Меѓутоа најчесто се навраќам на Дејвид Финчер кој ми е огромна инспирација. Потоа Алфонсо Куарон, Сидни Лумет, Били Вајлдер, Мајкл Мен (постарите филмови), Бонг Џун Хо и Вонг Кар-Ваи.

Трн: Филмот „Остров“ доби награда од публиката на Дрим Шорт – што значи ова признание за тебе лично и професионално?
Бранко: Пред проекцијата бев прилично нервозен. ‘Остров’ е мој прв обид во жанровски филм, особено комедија — нешто што досега не сум го работел. Дополнително, приказната е полуавтобиографска, па имаше и личен влог во сето тоа. Не отидов на фестивалот со очекување за награда, само сакав публиката да реагира на филмот. Кога почнаа да се смеат, ми олесна. Публиката реагира директно, без филтри. Кога тие ќе ти ја дадат наградата, тоа е посебен вид потврда, затоа што доаѓа од моментален, искрен одговор.
Трн: Ако „Island“ не добиеше ниедна награда, би го сметал за неуспех? Или наградите се само утеха за егото? Колку се важни овие признанија за авторот?
Бранко: Наградите не се само „утеха за егото“, тие се маркери на признание, продукти на компетитивна средина која што неизбежно ја обликува самоперцепцијата. Kога се изложуваш себеси, откривајќи нешто длабоко лично, валидацијата или недостатокот од неа може да влијае на самодовербата и чувството на цел. Во идеален свет, создавањето уметност би било доволно, но светот е структуриран околу конкуренција, споредби и хиерархии, па овие надворешни сигнали значат повеќе отколку што би требало.

Трн: Темата на осаменоста и самонаметнатата изолација е силно присутна. Дали ова е одраз на некоја поширока состојба во современото општество?
Бранко: ‘Остров’ за мене не е толку за осаменоста, колку за парадоксот на стравот од останување сам, и истовремено стравот од вистинска конекција. Повеќе е психолошка студија отколку општествена дијагноза. Иако, линијата меѓу двете не е толку остро нацртана.
Трн: Твоите филмови често немаат многу дијалог. Дали тоа е уметнички избор, или бегство од македонскиот филмски „театрализам“ што го гледаме со децении?
– „Остров“ има доста дијалог во првата половина, така што не би рекол дека следам некакво правило за количината на реплики. За мене, дијалогот е само алатка – некогаш потребна, некогаш не. Сѐ зависи од намерата и целта.

Трн:Колку е тешко и каков е преизвикот да се раскаже приказна во формат на краток филм?
Бранко: Тежината е во тоа да се изложиш пред публиката, да ги откриеш своите интимни мисли, емоции и случки од сопствениот живот. Форматот и занаетот се само алатки кои се совладуваат прилично едноставно; вистинскиот предизвик е секогаш личен и емотивен.
Трн: Како гледате на македонската филмска сцена денес? Што би сакале да се промени или подобри?
Бранко: Чувстувам вистинска зрелост кај новите генерации на филмаџии, нешто што е длабоко поврзано со конечното праќање во заборав на некои вредности од претходното време на македонската кинематографија, како тематски, така и методолошки. Ако гледаме објективно, филмот има направено најголеми успеси во промовирање на македонската култура во светот, особено во последните десетина години.
Трифун: Мислам дека имаме нов бран што ветува многу. Последниве години се гледа дека македонската кинематографија е прифатена и глобално и имаме сериозни успеси. На Дрим Шорт бев во селекција со извонредни кратки македонски филмови, и искрено, кој и да победеше ќе бев среќен – сите ми оставија неверојатен впечаток. Се надевам дека ќе продолжиме со овој тек, бидејќи мислам дека за многу брзо време ќе донесе уште поголеми резултати и генијални дела во кои македонската публика ќе може уште толку да ужива.

Трн: Колку се важни фестивалите како Дрим Шорт за промоција на она што го работите?
Трифун: Фестивали како Дрим Шорт се премногу важни! Фестивалот потекна од една прекрасна иницијатива на мои колеги, исполнета со младалачки дух и љубов кон кратката форма – и сè уште ја имаат таа енергија. Атмосферата таму е посебна, се чувствува почит кон кратката форма и кон авторите. Кога имаме такво место, добиваме сите – и публиката, и филмаџиите.
Бранко: Ако зборуваме конкретно за кратки филмови, без фестивали како Дрим Шорт, македонската публика би ги гледала филмовите дури после две години, заради фестивалските политики на повеќето светски фестивали. Исто така е многу значајно што публиката може да ги гледа македонските филмови во иста програма со интернационални остварувања, па така директно да види до каде сме како кинематографија. Оваа година на Дрим Шорт видовме дека квалитетот на нашите филмови е во најмала рака на исто рамниште со светската кинематографија.
Трн: Што е потешко во Македонија – да снимаш филм или да ги убедиш луѓето дека вреди да го гледаат?
Бранко: Да снимаш филм. Луѓето сакаат да гледаат филмови. Македонската публика се радува на успеси, се радува на добри македонски остварувања, но во исто време е и толерантна кога потфрламе.
Трифун: Искрено, подеднакво се тешки и двете. Но, ако филмот е направен вешто, со силна приказна – особено ако има и одредена општествена и политичка ангажираност – тогаш луѓето не треба многу да се убедуваат да го гледаат. Тука е и предизвикот што ја прави оваа работа толку возбудлива – да снимиш нешто што ќе ги привлече гледачите сами по себе.
Ивана Јовановска