Ги имаше оние идеи, веруваше дека ќе ги излечи расизмот и омразата, буквално, така што ќе вбризга музика и љубов во човечките животи. Кога требаше да свири на концерт за мир, пукаа во него. Два дена подоцна, излезе на бина и пееше. Некој го праша: Зошто? Одговори: Луѓето се обидуваат овој свет да го направат зол, а не сакаат да земат слободен ден. Како тогаш јас можам? Осветлете го мракот! ( Цитат за Боб Марли од филмот I am legend со Вил Смит)
Wake up and Live! –стани и живеј, запрашај се дали си задоволен од сопстевниот живот, не плачи пред препреките, бори се за своите права …се дел од пораките на реге поезијата со која Боб Марли (6 февруари1945 -11 мај1981) му се обраќаше на светот. Веруваше дека ќе ја излекува омразата.
Деновиве, многубројни светски магазини ќе му посветат макар и најмали статии на кралот на регето. За биографијата на бесмртните се пишува долго по нивната смрт и се одбележуваат датуми на нивното раѓање или денот кога си заминале од овој свет. Тие редови не се само потсетник на самите личности, туку се поклонуваат на нивниот импакт врз светот со вирусот на љубовта. А оружјето, едноставни стихови, музика и верба во универзалната добрина.
Кога ќе забележите луѓе со долги прамени коса, популарно наречени суканици, или раста фризури, сигурно знаете дека реге-музиката за нив е појадок, праведољубивата борба на потчинетите ручек, желба за мир во светот,вечера, а лајф мотив -Боб Марли. И тоа што плени дека цела армија идеолошки поклоници на Растата низ целиот свет се мобилизираат со стиховите на кралот на регето. Музиката на Марли, осум години по неговата смрт, беше дел од спектаклот на рушењето на Берлинскиот ѕид., фон на сите збиднувања поврзани со кампањи за помош на Африка, движењето на зелените против глобалното затоплување и се што подразбира освестување на хуманоста.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2023/05/bob-marlej.jpg)
ГЛОБАЛИСТ ИЛИ АНТИГЛОБАЛИСТ?
Како и со хипи движењето, појавата на Марли отвора и контроверзни размислувања за идеалот што можеби е само линија на помал отпор пред сесветската неправда, демагогија, утопистичка теорија. Од денешен аспект, границата на неговата идеологија е тенка меѓу глобализмот И антиглобализмот. Раста луѓето се заколнувале дека ќе ги истрижат косите кога светот ќе се ослободи од какво било империјалистичко влијание, а за свој сакрамент го прогласиле канабисот, кој според нив му помага на индивидуалецот да го пронајде Бог во себе. Вербата ги одвела до таму , да веруваат дека злото ќе биде искоренето кога западната цивилизација ќе ги спушти копјата. И денес многумина веруваат дека судбината на африканскиот народ ќе беше поинаква доколку Марли не заминеше прерано. Независно дали нивните теории се дискутабилни или постои злоупотреба во масовните идеализирања на ликот на Марли, за волја на вистината, од влијанието на неговата музика се изродија квалитетни музички модификации, артикулирани во млади и надежни музички групи. Боб го синтетизираше урбаниот саунд со африкански ритам, слично како што тоа денес го прави декларираниот антиглобалист Мануел (Ману)Чао со латиноамерикански звук.
![](https://trn.mk/wp-content/uploads/2023/05/bob-marley-quotes-3.jpg)
АРХЕТИПСКИ ОДРЕДНИЦИ
Биографијата на Роберт Неста Марли во себе ги содржи речиси сите современи архетипови кои му го одредиле животниот пат. Ако се споредат со биографиите на некои негови колеги, бунтовни музички херои кои со ангажирана рок-поезија се спротиставиле на системското зло, излегува дека корените се на едно место.
Роден во семејство на осумнаесетгодишна Јамајчанка и многу постар британски офицер, бил распнат меѓу две спротиставени култури-едната потчинета на другата. Револтот го насочил кон милитантниот татко кој поседувал колонизирана земја. На улиците на Тренчтаун, Боб ги запознал препознатливите звуци на Африка, голата тага на потомците на црните робови. На 14 години се одвоил од дома и отишол во Кингстон каде што ја почнал музичката кариера. Во големиот град го прифатил влијанијата на Реј Чарлс, Брок Бентон и тогаш популарната Дрифтерс. На Јамајка се шири филозофијата на растафаријанизмот, експлозија на регето, како и политичката борба против екплоатација на евтината работна сила во рудниците и тутунските полиња. Марли ја прифаќа улогата на месија кој од традицијата на црнечкиот мистицизам дава ново толкување на старите симболи и верувања. Решението на Марли да ја одигра оваа улога прераснала во вистинска верба дека тој треба да го носи товарот на месијанското пророштво. Животот на Марли во целост бил подреден на тоа верување. Спасителот на Јамајчаните, свесно или не, стана симбол на нова религија која стана реалност.
Ако се погледне животниот развој на Џим Морисон, Џими Хендрикс, или на балканскиот месија Џони Штулич и многу други значајни музички фигури, се препознаваат речиси слични одредници. Тие делувале спротивно од волјата на татковците-армијци и ја кинела митската златна гранка на себе својствен начин. Наследените милитантни стратегии ги заменуваат со музички и, сакајќи или не, создваат аури поради кои фановите ги распнуваат на крстот на слободата.
Извор: novatv.mk