Секој ноември, шопинг моловите низ Македонија се исполнети со луѓе кои се подготвуваат за најголемото шопинг лудило на годината – Блек Фрајдеј. Овој ден, познат по огромните попусти и специјалните понуди, привлекува маси на купувачи кои се надеваат на неодоливи зделки. Но, дали навистина Блек Фрајдеј во Македонија нуди она што го ветува?
Иако во многу земји овој ден е синоним за значителни попусти и големи намалувања, во Македонија ситуацијата изгледа поинаку. Многу купувачи се разочарани од фактот дека попустите не се толку значајни како што се очекува. Често, намалувањата се минимални или дури и незначителни во споредба со оние во западните земји, што доведува до прашања за вистинската вредност на овие промоции.
Што се крие во позадина?
Купувачите често се изложени на маркетиншки трикови кои создаваат впечаток дека добиваат одлични зделки, но реалноста е дека многу производи се нудат по цени кои не одговараат на нивната вистинска вредност. Сепак, ова не ги спречува луѓето да се собираат во шопинг моловите, создавајќи атмосфера на возбуда и очекување.
Во светот на потрошувачката култура, Блек Фрајдеј останува важен момент за многумина. Но, важно е купувачите да бидат свесни за реалноста на понудите и да не дозволат да бидат заведени од маркетиншките стратегии. Дали ќе успеете да најдете вистински зделки или само ќе учествувате во шопинг лудилото? Одговорот зависи од вас!
Секој последен петок во ноември е резервиран за големиот празник на шопингот, познат како „Black Friday“ (Црн петок), кога повеќето производи за широка потрошувачка може да се најдат по намалени цени. Во последните години, граѓаните најчесто се жалеа дека е маркетиншки трик за празни кеси и полни каси. Праксата кај трговците е пак, врз старата цена да биде залепена нова, па многу често се случува цената да е иста, а само да се дава впечаток во јавноста дека производот е на попуст. Новост е што кај нас ваквиот тренд некогаш трае и месец дена, што е премногу во споредба со другите земји. Најчесто тоа се денови во кои трговците промовираат кампањи за попусти, а луѓето и во услови на рецесија и слаба куповна моќ трошат пари.
Што е Сајбер понеделник и како се применува во Македонија?
Сајбер понеделник (Cyber Monday) е понеделникот кој следува по Блек Фрајдеј и претставува онлајн продолжение на празничната сезона на попусти. Овој ден се слави за време на првиот понеделник по Блек Фрајдеј и е посветен на онлајн купувањето. Сајбер понеделник започнал во 2005 година како начин да се поттикне интернет купувањето. Со текот на времето, денот станал еден од најголемите денови за онлајн попусти и се проширил и надвор од САД, вклучувајќи ги многу земји, вклучително и Македонија.
Сајбер понеделник добива на популарност и во Македонија, бидејќи повеќе купувачи се сега активно вклучени во онлајн трговијата. Македонските продавници нудат значителни попусти на различни производи, особено на електронски уреди, облека и други стоки. Многу компании во Македонија започнуваат со попустите во текот на Сајбер понеделник и продолжуваат со нив до крајот на неделата. Купувачите можат да го искористат овој ден за да купат стоки по намалени цени, без потреба да посетуваат физички продавници. Сајбер понеделник се одликува со попусти на електронски уреди, технолошки иновации, како и на различни интернет услуги и претплати.
Организација на потрошувачи на Македонија со своја статистика
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ)ввелат дека изминатиот период на излогот на речиси секоја продавница можеме да забележиме натпис за попусти по основ на „Black Friday“. Велат дека истото се случува и на страните на онлајн трговците.
- „Ако погледнеме ќе забележиме дека цените на производите се или идентични како и во други периоди од годината или попустите се многу мали. Од таму можеме да заклучиме дека овие натписи се повеќе маркетинг алатки на трговците отколку реални попусти“, потенцираат од ОПМ.
За времетрањето на „шопинг треската“ од Организацијата посочуваат дека најчесто „Black Friday“ трае од две недели до еден месец што не е случај во другите земји каде овие попусти се помали и се само во последниот петок од ноември.
- „Кај нас поради траење од 30 дена најчесто може да се подведат под акциска продажба која е дефинирана во Законот за заштита на потрошувачите и треба да биде контролирана од страна на Државниот пазарен инспекторат“, истакнуваат од ОПМ.
Организацијата за потрошувачи очекува да има поплаки од граѓаните во наредниот период.
- „Секако овие натписи ќе ги привлечат потрошувачите да купат одредени производи. Поплаки ќе има во наредниот период и истите најчесто се однесуваат на квалитетот на купените производи, или разликите во цените на рекламните флаери и цените во продавниците. Потрошувачите секако не треба да си дозволат да купуваат без да размислат дали одредени производи им се навистина потребни и да внимаваат на квалитетот на производите“, информираат од ОПМ.
Во ваквите денови кога народот на големо ги посетува моловите и местата со продавници, од Организацијата потенцираат дека потребно е да се истакне најниската цена што била во последниот месец, пред да се објави цената за „Црниот петок“.
- „Секако согласно ЗЗП трговецот е должен производите да ги означи со две цени претходната продажна цена која може да биде прешкртана и намалена продажна цена. Како претходна продажна цена се смета најниската што трговецот ја означувал најмалку 30 дена пред започнување на означувањето поради акциската продажба Black Friday“, не информираа од ОПМ.
Доколку купувачите утврдат лажни попусти, нереални цени или прекршување на законот за потрошувачи, од Државниот пазарен инспекторат велат треба да се пријави на нивната веб страна или пак на бројот 181.
Управа за јавни приходи со апел
Во пресрет на најавениот Black Friday викенд, Управата за јавни приходи издаде препорака до сите даночни обврзници кои ќе нудат попусти на своите производи и услуги да ги изразат новите цени, вклучувајќи го и пресметаниот данок на додадена вредност (ДДВ) на фискалните сметки. Ова е неопходно при секој продажен процес, за да се обезбеди транспарентност и точност во пресметките.
Даночните обврзници кои вршат продажба на добра и услуги со готовинско плаќање се обврзани да користат фискален систем на опрема (ФСО) и задолжително да издаваат фискални сметки. Покрај тоа, тие треба да постават видно соопштение на своето продажно место кое ќе ги информира купувачите за нивната обврска да побараат фискална сметка.
Како потрошувачите, така и корисниците на услуги, при купување се должни да побараат фискална сметка и да ја чуваат заради можната контрола по напуштањето на местото на продажба. Ако забележите неправилности или ако не се издава фискална сметка, имате право и обврска да пријавите такви случаи.
За пријавување на неправилности, можете да се обратите на:
- Е-пошта: info@ujp.gov.mk
- Телефонски броеви:
- Од фиксна линија: 0800 33 000
- Од мобилен телефон: 02 3253 200
- Пријави неправилност: 198
Не дозволувајте да бидете само набљудувачи. Активно учествувајте во создавањето на пофер економски систем!
Кое е значењето на фразата „црн петок“?
Доколку на интернет проверите кое е значењето на „црн петок“, ќе најдете различни толкувања, но ниту едно од нив не се поврзува со робовите. Едното од нив е дека фразата „црн петок“ првпат се појавила во 1951 година, кога работниците практикувале, ден по Денот на благодарноста, да се јавуваат на работа и да кажуваат дека се болни со цел да имаат четири дена споени за викенд.
До 1961 година терминот „црн петок” (и „црна сабота”), вообичаено се поврзувал со полицијата на Филаделфија. Имено, полицијата од Филаделфија ја користела оваа фраза за деновите (петок и сабота) кога морала да се справи со хаосот и главоболките од толпите и застојот во сообраќајот на ден по Денот на благодарноста, односно во почетокот на божиќната шопинг-сезона.
Едно популарно објаснување за потеклото на „црниот петок” вели дека тоа е денот кога трговците на мало на крајот од годината почнале да покажуваат профит, придвижувајќи се од „црвено” до „во црно”, откако работеле со загуба од јануари до средината на ноември. Во сметководствени услови, работењето со загуба (губење пари) е наречено „во црвено”, бидејќи сметководителите традиционално користеле црвено мастило за да покажат негативни износи (загуби). Позитивните износи (профит) обично биле прикажувани со црно мастило. Така, да се биде „во црно” е добра работа, бидејќи тоа значи дека продавниците работат со профит (правење пари).
Значи, фразата „црн петок“ првобитно не значела ништо посебно освен хаосот што го предизвикале големите толпи на луѓе, но со текот на времето оваа фраза станала синоним за попустите и почетокот на празничната шопинг сезона.