Битолчанец лишил од слобода и физички нападнал 18-годишна матурантка, обвинителството бара притвор

Основното јавно обвинителство Битола отвори постапка за насилство и противправно лишување од слобода, осомничениот ја пресретнал по матурска прослава

Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 40-годишен битолчанец, за кого постои основано сомнение дека сторил кривични дела – телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и противправно лишување од слобода од член 140 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според истрагата, на 23 мај во раните утрински часови, осомничениот противправно ја лишил од слобода и физички ја нападнал 18-годишна девојка со која бил во блиски лични односи.

Инцидентот се случил кога девојката се враќала од матурска прослава. Осомничениот ја пресретнал со автомобил, по што таа влегла во возилото. Во текот на возењето, ѝ го одзел мобилниот телефон и не ѝ дозволувал да излезе.

Кога возилото застанало, оштетената се обидела да се оддалечи, но осомничениот ја следел и започнал физички да ја удира. Потоа повторно ја внел во автомобилот, каде продолжил со нападот, нанесувајќи ѝ телесни повреди и крварење од носот.

Девојката успеала да се ослободи и да побара помош со случаен минувач.

Поради ризик од бегство, претходни индиции за насилно однесување и начинот на извршување на делото, јавниот обвинител доставил предлог до Основниот суд во Битола за определување мерка притвор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс