Нова тужба за Бијонсе: Продуцент тврди дека украла семпл за „Alien Superstar“

Музичкиот продуцент Шуџи Хиросе поднесе нова тужба против Бијонсе, тврдејќи дека неовластено искористила негова авторска композиција.
Фото: Pete Sekesan from New York, USA, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Поп-ѕвездата Бијонсе повторно се соочува со правен спор поради нејзиниот хит „Alien Superstar“ од албумот „Renaissance“. Музичкиот продуцент Шуџи Хиросе и неговата компанија поднесоа нова тужба до американскиот суд во која тврдат дека пејачката без дозвола искористила семпл од композицијата „Moonraker“ од 1998 година, за која тој ги поседува сите авторски права.

Според судските документи до кои дојде медиумот ТМЗ, Хиросе и неговата компанија „Hirose Entertainment“ тврдат дека во воведот на песната „Alien Superstar“ е искористен дел од композицијата „Moonraker“ на Џон Холидеј.

Продуцентот наведува дека ги купил сите авторски права за таа композиција уште во 1998 година. Според тужбата, тимот на Бијонсе добил лиценца директно од Холидеј дури неколку недели по објавувањето на албумот во јули 2022 година, што според Хиросе е неважечки договор бидејќи авторот веќе ги немал сопственичките права.

Ова е вторпат Хиросе да се обиде да покрене постапка за истата песна. Неговата прва тужба беше одбиена во јуни од формални причини, откако американскиот окружен судија Марк С. Скарси го прифати барањето на компанијата на Бијонсе, „Parkwood Entertainment“. Судот тогаш го отфрли предметот бидејќи компанијата „Hirose Enterprises LLC“ правно не постоела во моментот кога постапката била покрената, туку била регистрирана осум дена подоцна.

Судијата тогаш не одлучуваше за суштината на спорот, односно дали имало неовластено користење на авторскиот материјал.

Хиросе изјави дека ја известил продукциската куќа „Parkwood Entertainment“ за правниот проблем, но песната и понатаму продолжува да се дистрибуира и продава. Со новата тужба тој бара парична надокнада од судот, како и забрана за понатамошно остварување профит од спорниот материјал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс