Бојан Кирковски: Би ограбил банка со жена ми, за после да не прашува од каде ми се парите

Актерот Бојан Кирковски е дел од екипата на независниот театар Артопиа, чии претстави имаат изведби надвор од границите. Претставата „Глумици“ беше нагредана на последното издание на МОТ, а деновиве се игра во Темишвар и во Белград. Бојан е дел од тимот на Театарот за деца и младинци, а неговиот немирен дух реализира и стендап комични настапи.

Трн: Прашањата на Трн те затекнаа на пат кон Романија, кој „Дракула“ го бараш таму?

Бојан: Искрено првпат кога ми пиша за интервјуто бев помеѓу Ковин и Вршац во тоалет на бензиска пумпа, заглавен со само три влажни марамчиња и комплицикации, но радоста предизвикана од забавните прашања ми помогна се добро да се заврши. Инаку, во Романија го барам стандардниот Дракула кој не покани со Артопиа на театарски фестивал во Темишвар, но сум разочаран оти кога го најдов разбрав дека е веган и дека нема да не направи бесмртни.

Трн: Во Романија имате изведба на претставата „Глумици“, но ти си остана само глумец…

Бојан: Не ми успеа во претставата да бидам глумица колку и да се трудев и останав на позиција глумец. Искрено во претставата не сум ни глумец туку се играм себеси кажувајќи ставови на Бојан глумецот со кого се помалку се познавам. Комплицирано многу, а во Романија гостувањето е од исклучителна важност зашто потпишавме договор и глупо би било да не го исполниме.

Трн: Што ви стои во агендата на Артопиа, после Романија?

Бојан: На распоредот на „Глумици“ следно е Арад, а потоа Белград и таму некаде во ладниот јули заминуваме за Будва, но за жал не на „Сунчане скале“ туку на театарски фестивал, кој нели, ни малку не е важен како „Сунчане скале“. Очекувам да ги избегнам концертите на балканските звезди во Будва зашто не ги заслужувам.

Од претставата „Глумици“

Трн: Независниот театар Артопиа ја има и претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“, кого ти поздравуваш и бакнуваш?

Бојан: Веќе не сакам ниту некого да поздравам, ниту да бакнам, зашто разбрав дека што повеќе поздравувам некого само го правам важен во очите на другите. Идејата на “Да го поздравиш и да ми го бациш” не беше само да добиеме тапкање по рамо и браво деца ме расплакавте. Затоа ќе ја поздравам внука ми Лена, нека биде она важна, заслужува.

Трн: Дали за успехот на Артопиа важи она- кога се сака, се може?

Бојан: Успехот се должи на многу потрошено време и свои финансии нормално. На многу затворени врати и неправди. На екипа која мора да е ко тебе иста, да сака да потроши пари и време и да не добие ништо за возврат. И на непресушниот извор на небулози и идиотизам потикнат од политичарите и авторитетите.

Трн: Која сцена од претставите во кои играш ти е омилена?

Бојан: Има една сцена во “Да го поздравиш и да ми го бациш” каде што самите си удираме шлаканици, требаше многу пред претставата да го направам тоа.

Од претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“

Трн: Се препознаваш во ликовите што ги играш и колку тие влијаат врз твојот живот?

Бојан: Во Театарот за деца и младинци каде што сум вработен најчесто ги играм децата, најверојатно поради умствениот развој, а во „Петар Пан“го играм шкафот која е многу податна улога во која се пронаоѓам и преку која се идентификувам. Исто така играм и неколку дрвја и таму си газам.

Трн: Кој актер може да те „скине“ ако за тебе се направи филм или претстава?

Бојан: Уф, колку двосмислено прашање… Искрено не би сакал никој да ме скине на филм, па ниту во претстава. А да ме изглуми некој? Комплицирано би било, искрено раце ми се тресат, имам рапав глас… Подобро нека не се мачат, згора тоа би било некаков анксиозен жанр…

Трн: Со кого би ограбил банка во филмска сцена?

Бојан: Би ограбил банка со жена ми за да не ме прашува после од кај ми се парите. Колата со која би краделе би ја возела она за да може да ми пререкува дека уште немам положено. А јас потоа да речам налет и пари и се.

Трн: И после со парите, кого ќе заведеш, помислуваш на еротска сцена со некоја актерка?

Бојан: Каква еротска сцена, какво заведување… Сигурно ќе реновираме нешто тогаш, ако претходно не ме уапсат.

Од претставата „Том Соер“

Трн: Во каков и во чиј филм сакаш да играш кога ќе пораснеш?

Бојан: Не сум дојден до ниво да размислувам во каков филм би сакал да играм, а за режисер на тој филм да не зборувам. Јас кога ќе пораснам сакам само да заиграм во филм.

Трн: Што ти е полесно, кога возрасниот во тебе глуми дете, или детото глуми возрасен?

Бојан: Страшна работа, глумиш и во двата случаи, а не треба да го правиш тоа. Ги бунам мислите.

Трн: Кога не си дете и кога не си возрасен, тогаш си стендап комичар, какво сценарио секогаш ја смее публиката?

Бојан: Зборувам најчесто за себе, но знам и да закачам некој што е актуелен во моментот. Кај нас барем има материјал за комедија, каде и да се завртиш политичари, јавни личности, шубе фаци насекаде. Бунар без дно. А публиката се смее кога се оговараш кого било, си сакаме ние многу сеир…

Трн: Улоги во Артопиа, во детски театар, комичар, па добро, може ли човек некогаш да те сфати сериозно?

Бојан: Искрено, никој нека не ме сфаќа сериозно воопшто. Ниту до сега ме сфаќаа, ниту очекувам од сега. Никој нема време веќе да застане и да проба да те разбере. Нека се живи и здрави сите, јас имам разбирање за луѓето, не мора и они да имаат за мене.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни