Банана залепена за ѕид, дело на италијанскиот концептуален уметник Маурицио Кателан, сеуште е вирален хит, но овојпат на социјалните мрежи каде секојдневно излегуваат нови верзии од фотографијата.
Делото „Комичар“, кое првично привлече внимание во 2019 година на Арт Базел во Мајами,а неодамна беше продадено на аукција за неверојатни 6,2 милиони долари, поттикна лавина хумористични реакции.
Корисниците на социјалните мрежи, инспирирани од апсурдноста на оваа уметност, веднаш почнаа да создаваат свои верзии. На фотографии се гледаат лушпи од банана, портокали, џоинти залепени со трака на ѕид…. „Ако банана вреди милиони, колку вреди мојата портокалова уметност?“ се пошегува еден корисник на Твитер, придружувајќи ја објавата со своја „уметничка интерпретација“.
Хаштагот #BananaArt брзо стана тренд, со мемиња кои се шегуваат на сметка на цената, апсурдноста и значењето на уметноста. Некои од најкреативните верзии вклучуваат пластични шишиња, чевли и дури цели парчиња пица, внимателно залепени на ѕид.
Провокативната порака на Кателан, која има за цел да ја преиспита границата помеѓу уметноста и секојдневието, повторно е главна тема на социјалните мрежи но сега низ хуморот и креативноста на обичните луѓе.
Додека уметноста можеби го дели светот на љубители и скептици, едно е сигурно: хуморот поврзан со бананата залепена со трака нè потсетува дека и наједноставните нешта можат да предизвикаат глобален интерес и забава.