Филозофско друштво на Македонија

Андреј Медиќ Лазаревски: Предложената реформа на гимназиско образование ќе ја поткопа способноста за критичка мисла на младите

Со деградацијата на овие предмети се ставаат под знак прашалник овие важни процеси кај младиот човек и стравувам(е) дека со ваква реформа ќе се поткопа способноста за критичка мисла на младите. Затоа сметам(е) дека предметите од философскиот корпус не само што треба да го задржат моментниот статус, туку треба и да добијат на поголемо значење и застапеност. Сето тоа преку креирање на нови наставни планови, материјали за учење и современи пристапи во изучувањето на овие предмети, а тоа е всушност и една од препораките на УНЕСКО за поголема застапеност на философските предмети во образованието. ​

Андреј Медиќ Лазаревски e дипломиран професор по философија, член на Извршен одбор на Филозофско друштво на Македонија и Координатор на Филозофски филмски фестивал. Медиќ е поет, уредник, копирајтер и организатор на културни настани и фестивали. Во моментов е студент на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје. Aавтор e на стихозбирките Беседење со неа (2021, Дата Песнопој) и Молитвени дискурси (2022, 2023 – второ, променето и дополнето издание, ПНВ Публикации) и на еден е-буклет Црно под ноктите (2024, Култура Бета). Тој е основач на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“, организатор на книжевните настани Поетска епизода и Клинци, член е на управниот одбор на Скопскиот поетски фестивал и дел е од тимот на Кликер Маркетинг.

Со Андреј рaзговаравме за улогата на философијата, етиката и сродните науки во образованието на младите, за тоа како тие помагаат во развивањето на критичко размислување и чувството за општествена и лична одговорност. Философската наобразба во средното образование, вели Андреј е нужна за младите да имаат барем појдовни позиции за наоѓање одговор прашања кои го окупираат човекот откако тој постои…

Трн: Какво е значењето на философијата, етиката и сродните науки во образованието на младите?

Aндреj: Философијата и философскиот корпус предмети во образованието се едноставно незаменливи. Ако тргнеме само од тоа да го бараме изворот на сите дисциплини и науки кои денес се курентни, ако тргнеме во насока да го следиме целокупниот интелектуален, културен и цивилизациски развој, секогаш ќе дојдеме и секогаш ќе мора да почнеме од философијата. Таа ги опфаќа и се занимава со најбазичните и најкомплексните прашања на човештвото – моралот (етиката), убавото (естетиката), расудувањето (логиката), постоењето (онотологијата), знаењето и познанието (гносеологијата), човекот (философската антропологија), Бог (философијата на религија) итн. Сите овие нешта се насушни за интелектуалниот развој на една личност, која несомнено ќе се соочи со овие прашања во текот на својот живот, почнувајќи од младоста. Оттука, философската наобразба во средното образование е нужно за таа млада индивидуа да има барем појдовни позиции за наоѓање одговор на овие прашања кои го окупираат човекот откако тој постои.

Трн: На што ги учат овие предмети младите луѓе и колку тие влијаат врз формирањето на младите личности? Какви вештини и вредности им помагаат да развијат?

Aндреj: Како што споменав претходно, тие ги учат на основите, а потоа поттикнуваат развивање на мислењето за тие фундаменти, за прашањата на човековото постоење, морал, познание, мислење. Пречесто забораваме дека мислењето е базична вештина, и преку неа младиот човек се оспособува за соочување со животните предизвици (на пр., во изборот на професијата, изборот на партнер, пријатели, соработници итн.). Доброто однесување е втората важна вештина што ја стекнуваме преку филозофската наобразба, а на тоа нѐ подготвува етиката.

Трн: Како философијата може да помогне во развивањето на критичко размислување и самосвесност кај младите?

Философијата поттикнува дијалог, поттикнува дебата, поттикнува мислење за мислењето, за различните ставови. Прегледот на дискусиите за многуте прашања што ги споменав погоре е нужен за градењето на сопствен став, за градењето на критички поглед кон можните алтернативи. Со самото тоа што младиот човек во своето образование добива увид во најважните прашања од историјата на философијата, тој разбира дека ништо што му е понудено не треба да се прифати како догма, туку напротив, на сѐ треба да се пристапува критички и со доза на „зачуденост“ и преиспитување.

Трн: Влијаат ли филозофските и етичките концепти на младите во развојот на нивната општествена и лична одговорност?

Aндреj: Се разбира, а како би можеле да не влијаат? Градењето на етичките концепти, пред сѐ, а потоа и на сите останати со кои философијата се занимава се клучни за личниот развој на индивидуата и неговата позиционираност во општеството. Овој аспект го имав предвид кога напоменав за доброто однесување како базична вештина. Моралниот и мисловниот развој на човекот се клучни за разбирањето на општеството и сè останато во него, за меѓусебното разбирање и создавање општество кое е достојно за сите.

Трн: Ги мотивирате младите на различни начини и со активности да продолжат да истражуваат филозофски и етички прашања надвор од рамките на наставната програма. Кажете ни нешто повеќе за овие активности и интересот на младите.

Aндреj: Јас не сум универзитетски или средношколски професор. Моето лично делување е повеќе преку овие форми што сега ги споменувате, како дел од Филозофското друштво на Македонија (ФДМ). Во годишните активности на Друштвото има повеќе слотови преку кои се мотивира философска вклученост на младите, но и на пошироката јавност. Но, еве, штом прашувате за младите, ќе го споменам Филозофскиот филмски фестивал којшто е најважната културна манифестација што ја организира ФДМ. Фестивалот преку неговата Едукативна програма секоја година ангажира околу 800 ученици од основните и средните училишта низ програмските активности „Фил(м)ософија со деца“ и „Средношколска видеолектира“. Во овие два сегмента во програмата, заедно со домашни и странски експерти од областа, се трудиме да ја поттикнеме философската мисла уште од најрана возраст, а интересот на децата и учениците кои се учесници на овие активности е фасцинантен.

Покрај ова, треба да ги споменеме и организирањето на натпреварите по философија и философската олимпијада. Со години наназад успешно ги реализираме овие натпревари, а оние ученици што остваруваат најдобри резултати на домашната олимпијада се квалификуваат на светската олимпијада, каде што во неколку наврати остваруваат забележителни резултати.

Она што во последните две години беше круцијална активност на Друштвото е Еразмус+ проектот со акроним „Софи“. Проектот ни овозможи да направивме обука на наставници и да развиеме специфична наставна програма за предметот Философија со деца, којшто влезе во основното образование како изборен предмет за четврто, петто и шесто одделение. Овој предмет, кој е дел од образовните системи во повеќе европски земји, за нас има суштинско значење, бидејќи природната философска љубопитност на децата токму тука дополнително се поттикнува и развива. Сето тоа се прави низ неконвенционална работа на час, разговори и дискусии, игри, приказни итн… Како некој што беше дел од обуките и пилотирањето на програмата, можам да кажам дека учениците беа и повеќе од среќни и задоволни. На наша голема радост предметот Философија со деца започна, и тоа мошне успешно, да се реализира во текот на тековната учебна година. Дополнително, проектот беше оценет како еден од најуспешните од македонската Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.

Трн: Во контекст на сето ова погоре, како го оценувате новиот предлог закон за кој деновиве се расправа? Што губиме а што добиваме во образованието?

Aндреj: Како што веќе кажаа мноштво колеги и на групните отворени писма, во рамки на мислењето на Институтот за философија, на Филозофското друштво на Македонија, како и на поединечните ставови, интервјуа, колумни, текстови што излегоа од наши колеги по повод ова прашање, сметам дека предложената концепција и маргинализирањето на философскиот корпус предмети целосно го деградира концептот на гимназија кој подразбира запознавање на учениците со мноштво науки и дисциплини како природно-математички, така и општествено-хуманистички. Ја и моите колеги сметаме дека реформи во гимназиското образование се потребни, но не на предложениот начин. Не може да се укинуваат или да се сведуваат на изборност предметите кои, како што веќе погоре кажав, од најрана возраст кај учениците го поттикнуваат градењето на моралниот интегритет, градењето на свест за логичко расудување и поттикнување на критичка мисла. Со деградацијата на овие предмети се ставаат под знак прашалник овие важни процеси кај младиот човек и стравувам(е) дека со ваква реформа ќе се поткопа способноста за критичка мисла на младите. Затоа сметам(е) дека предметите од философскиот корпус не само што треба да го задржат моментниот статус, туку треба и да добијат на поголемо значење и застапеност. Сето тоа преку креирање на нови наставни планови, материјали за учење и современи пристапи во изучувањето на овие предмети, а тоа е всушност и една од препораките на УНЕСКО за поголема застапеност на философските предмети во образованието.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни