Седум лица се приведени во Скопје во врска со обидот за опожарување на верскиот објект на Еврејската заедница, што се случи на 12 април околу 04:50 часот. Според МВР, случајот е расчистен по оперативни активности на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам, во координација со СВР Скопје и Агенцијата за национална безбедност.
Во рамки на акцијата биле извршени претреси на 13 локации во Скопје, при што биле одземени предмети и електронски уреди поврзани со кривичното дело. По наредба на јавен обвинител, лицата биле задржани за понатамошна постапка.
За две лица од Скопје, на возраст од 21 и 38 години, е поднесена кривична пријава за кривично дело „тероризам“, а судија на претходна постапка им одредил мерка притвор.
Според индициите на АНБ, лицата кои се посочуваат како најверојатни извршители и нивната логистичка мрежа се дел од радикална групација идеолошки поврзана со глобалната мрежа на Исламска држава. Истрагата продолжува.