Search

Америка или Русија – колку глупава дискусија

Shutterstock

За Америка си, или за Русија?

Колку глупава дискусија.

Ко бев дете, многу малецок, седум-осум-девет години, од училиште накај дома, се преиспитувавме меѓусебно со другарчињата: ти за Америка си, или за Русија? Како вистински дебитанти на дневно-политичката сцена, лаконски аргументиравме, изустувајќи зборови од типот хамбургер, Кока кола, Војна на ѕвездите, Спутник, Лаика, атомска бомба, кошарка, Сибир итн… Тоа беше некаде на почетокот на осумдесеттите години од минатиот век. Повеќе од четири декади минаа, а денешните Македонци – раскрекани жаби и мрзливи баби – сеуште се препелкаат во истата кал, терајќи си ги меѓусебно очите со буквално истите глупоштини.

Најголемата болка на современиот Македонец е што не си го познава личниот интерес. Имаме неверојатно погрешна перцепција за тоа што е во наш најдобар интерес. Простотилак, мрзеливост, измама, линија на помал отпор и конечно ЛЕБ БЕЗ МОТИКА се врвни принципи по кои ординира народецот. Неверојатно “итриот“ Пејо, примитивната црквена реторика и бруталната ненаситност на политичките елити, одиграа клучна улога за обезбедување на таа функционална неписменост.

А имавме многу можности да научиме. Можевме да научиме од историјата.

Приказната за српските ослободителни и државотворни востанија од 19тиот век, кога Русите повикуваа “дигајте се браќа, еве доаѓаме на помош“. Србите три пати се дигаа против Турците, цели генерации гинеа, а Русите се разбира не се појавија. Кога се дигнаа третиот пат, Србите успејаа да се ослободат и изградат сопствена држава. Сами.

Можевме да научиме од Илинден, кога рускиот конзул во Битола го искодоши востанието кај султанот. Титовото НЕ на Сталин во 1948 имаше огромен потенцијал за ука.

Од поновата историја: во рамките на конфликтот Косово – Србија – НАТО, кога српските сили се повлекуваа од дотогашната покраина, Русите брзо влегоа, но уште побрзо излегоа од таму и целосно ја препуштија контролата токму на Американците.

Само слепи при очи, нема да научат дека Балканот за Русија е единствено монета за поткусурување, а особено во ситуација кога влијанието, па и доминацијата на западот во Европа се несомнени. Русија е пост-колонијална диктатура која игра крвави геостратешки партии шах со нејзиниот исто така суров пост-колонијален партнер од преку Атлантикот. По паѓањето на Берлинскиот ѕид и распадот на Југославија, стана јасно дека речиси цела Европа ќе оди на запад. Истото важеше и сè уште важи и за нас. Илузија е да мислиме дека имаме избор. Скапо платена илузија, потхранета од бедната руска пропаганда која се потпира на некрофилска доктрина и купчиња американски долари во рацете на збеснатите дилери на ветер и магла, кои сеуште одлично котираат на политичката сцена во регионот. Илузија која може да нè чини прескапо, ако не ја разбиеме веднаш.

Само слепи при очи нема да научат дека одамна, уште од почетокот на 90тите, нам “ни е пишано“ каде ќе сме. Америка (читај: Европа) не е добротворна организација, туку супер сила која се однесува според сопствените интереси. Време е и ние да почнеме да се однесуваме во тој дух. Време е да излеземе од конзервата на самоубиствената инерција и да го направиме неопходниот компромис. Време е да го вложиме и неопходниот труд и да ја реализираме нашата визија за вистински пристоен живот, како демократска земја од западната хемисфера. Време е да тргнеме напред.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни