Амбасадорот на САД во Обединетите нации во четвртокот изјави дека за Вашингтон „сите опции се на маса“ кога станува збор за можна интервенција во Иран.
„Американскиот претседател Доналд Трамп е човек на дела, а не на бескрајни зборови, како што често е случај во Обединетите нации“, изјави амбасадорот на САД во таа институција, Мајк Волц, на состанокот на Советот за безбедност во Њујорк, свикан на барање на САД.
„Тој јасно стави до знаење дека сите опции се на маса со цел да се запре крвопролевањето“, додаде Волц.
Трамп од почетокот на крвавите протести во Иран, кои започнаа пред две недели, му се заканува на Техеран со воена интервенција. Протестите започнаа на 28 декември, кога трговците излегоа на улиците незадоволни од значителниот пад на вредноста на иранската валута ријал и сѐ полошата економска состојба.
Подоцна тие прераснаа во масовни демонстрации низ целата земја против авторитарните власти, кои одговорија со насилно задушување на протестите, пренесува агенцијата dpa. Се верува дека досега се убиени неколку илјади демонстранти.
