„Притоа туризмот се чини дека е еден од најбрзо растечките сектори во земјата а еден од главните фактори што влијаеле на овој развој е воспоставувањето на „нискобуџетни“ авиолинии, како и во многу други европски земји, што доведе до значително зголемување на бројот на комерцијални летови”, објавија албанските медиуми.
Според податоците од Европската статистичка агенција (Евростат), за јуни 2025 година, Албанија постигнала „многу позитивен резултат”. Во споредба со истиот месец пред почетокот на пандемијата, бројот на летови е зголемен за цели 166,4%, што е водечка позиција во Европа и регионот.
„”Ова значително зголемување на воздушниот сообраќај покажува не само зголемен интерес за Албанија како туристичка дестинација, туку и подобрување на инфраструктурата и туристичката понуда на земјата“, наведуваат медиумите.
Само во текот на јуни, Меѓународниот аеродром во Тирана пречекал околу 1,15 милиони патници. Во текот на овој месец, биле реализирани 6.830 летови, поврзувајќи ја Тирана со 103 дестинации во 31 земја, преку 27 авиокомпании што работат на овој аеродром.
Што се однесува до земјите во регионот по Албанија, земја со најголем пораст на комерцијалните летови е Босна и Херцеговина, со раст од 64,7%. Србија, исто така, бележи позитивен тренд, со пораст од 41,4%. Северна Македонија бележи поумерен пораст од 21,8%, додека Црна Гора е единствената земја во регионот што бележи пад во овој поглед, со -3,3%.
И на европско ниво, Албанија е земјата со најголем раст на бројот на летови, по што следува Исланд, со раст од 106,9%, потоа доаѓаат Босна и Херцеговина, Србија и Полска.
Сепак, не сите земји одржуваат позитивен биланс. Според податоците, Латвија бележи најголем пад на комерцијалните летови, со -30,7%. Ситуацијата е негативна и за Шведска (-23,6%), Финска (-22,3%) и Словенија (-21,7%).