Аксиос: Во опасност преговорите меѓу САД и Иран, Трамп би можел да се сврти кон воена опција

Преговорите меѓу САД и Иран се доведени во прашање поради спор за форматот и локацијата. Axios предупредува дека е можна и воена опција.

Преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран се наоѓаат во сериозна опасност поради несогласувањата околу местото и форматот на разговорите, објави американскиот портал Axios, повикувајќи се на двајца американски официјални претставници.

Според нив, САД му соопштиле на Техеран дека нема да прифатат промена на договореното место и формат на преговорите закажани за петок, предупредувајќи дека актуелниот спор може целосно да го блокира дипломатскиот процес. Американските извори оценуваат дека ваквиот развој на настаните може да го поттикне поранешниот претседател Доналд Трамп да се определи за воена опција.

Претходно, САД и Иран се согласија преговорите да се одржат во Истанбул, со присуство на други блискоисточни земји во својство на набљудувачи. Сепак, иранската страна во вторникот побара разговорите да се преместат во Оман и да бидат билатерални, со фокус исклучиво на нуклеарната програма, без теми како ракетниот програм, кои се приоритет за Вашингтон и за земјите од регионот.

Рубио: Сè уште се разгледува местото за преговорите

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека местото за разговорите со Иран сè уште е предмет на разгледување. Тој на прес-конференција истакна дека иранската влада претходно се согласила на форматот за состанок во Турција, но подоцна го променила ставот, пренесува Ројтерс.

Рубио додаде дека американскиот специјален пратеник Стив Виткоф е подготвен да присуствува на состанокот во петок, како што е првично планирано.

„Соединетите Американски Држави се подготвени да се ангажираат и секогаш биле подготвени за дијалог со Иран“, изјави Рубио.


🇴🇲 Оман како нова локација за разговори?

Во меѓувреме, висок омански претставник изјави за Ројтерс дека се финализираат плановите за одржување директни разговори меѓу САД и Иран во Оман, при што веќе не се разгледува опцијата тие да се одржат во Турција.

Според истиот извор, разговорите најпрво ќе се фокусираат на иранската нуклеарна програма, а потоа и на други отворени прашања.

Новинарот на Axios, Барак Равид, претходно објави дека администрацијата на САД прифатила, на барање на Иран, преговорите да се преместат од Турција во Оман, а состанокот најверојатно ќе се одржи во петок, 6 февруари. Белата куќа засега одбива официјален коментар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни