Адвокатот на Палевски бара ново судење за убиствата на Вања и Панче

Одбраната тврди дека во постапката имало повеќе од 50 суштински повреди и контрадикторности во обвинението и пресудата.

Адвокатот на Љупчо Палевски-Палчо, Јовица Страшевски, побара Апелацискиот суд да ја укине првостепената пресуда за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и предметот да се врати на повторно судење.

Страшевски тврди дека во постапката имало повеќе од 50 суштински повреди и дека во жалбите на одбраната се наведени бројни неусогласености меѓу исказите на сведоците, обвинетите и начинот на кој тие биле толкувани во пресудата.

Според него, дополнителни спорни моменти биле утврдени и по поднесувањето на жалбата, бидејќи рокот за жалба бил краток, а пресудата обемна. Тој очекува судот да им дозволи на него и на Палевски дополнително да ги образложат тие наводи.

Адвокатот посочи дека, според одбраната, постојат контрадикторности во обвинението и во пресудата, особено околу наводната улога на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања. Тој тврди дека не било докажано дека Ѓорчевски му давал информации на Палевски, иако тоа било дел од конструкцијата на обвинението.

Страшевски го оспорува и описот на движењето на Палевски на критичниот ден, наведувајќи дека остануваат неразјаснети прашања околу тоа дали тој бил на местото на грабнувањето или ги чекал останатите на друга локација. Според него, доволно е Апелација да прифати само една од наведените повреди за пресудата да биде укината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс