Во јуни 1965 година, во киното во Напевци, македонскиот театар доби нешто што дотогаш му недостасуваше – заеднички простор на слобода. Не создаден по културна директива или институционална стратегија, туку како резултат на визијата, храброста и упорноста на неколкумина професионалци кои веруваа дека фестивалот мора да се случи, без оглед на условите.
Годинава, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп одбележува 60 години постоење, со напомена дека фестивалот не бил одржан една година. Јубилејот не се однесува само на бројка, туку на континуитет на една идеја, дека театарот е колективен чин и јавен простор што се освојува, а не се добива.
Фестивалот се родил од иницијатива, а не од политика. Низ децениите, тој опстојувал и растел благодарение на здружената енергија на драмските уметници и нивната потреба да го прошират просторот на творечка слобода. Со ретки исклучоци, политиката останувала настрана, додека луѓето ( уметниците, организаторите и техничките тимови) секогаш биле во центарот на фестивалското случување.

Сите изминати фестивалски изданија биле креирани од претставници на македонските театарски куќи, со континуирана поддршка од градот Прилеп и неговиот театар, кој со децении функционирал како тивка, но незаменлива оперативна база. Преку Здружението на драмските уметници, одбори, совети и собранија, фестивалот се менувал само онолку колку што било неопходно – за да остане свој и препознатлив.
Во периоди кога македонскиот театар се соочувал со сериозен недостиг од школуван кадар, несоодветни услови за работа и ограничени ресурси, луѓето околу фестивалот не чекале подобри времиња. Тие ги создавале. Токму затоа МТФ „Војдан Чернодрински“ не е само фестивалска манифестација, туку живо сведоштво за професионална солидарност, истрајност и длабока верба во значењето на театарот како општествен чин.
Шеесет години подоцна, јубилејот е повод за враќање кон почетоците – кон визионерите, организаторите, уметниците и тивките оперативци кои ги поставија темелите врз кои и денес стои македонскиот театарски празник во Прилеп.
